Пациент три и пол години е постојано на боледување, но никој досега не го упатил да побара инвалидска пензија. Контролите на Фондот за здравствено осигурување случајно го откриле овој случај каде пропусти има во целиот систем – матичен, специјалисти, комисии за продолжување на отсуствата од работа.
Согласно Законот за здравственото осигурување, во случај на подолго траење на привремената спреченост за работа до 12 месеци, лекарската комисија на Фондот го упатува осигуреникот до надлежниот орган за оценување на работната способност, според прописите за пензиското и инвалидското осигурување. Во случај ако се констатира дека осигуреникот не ги исполнува условите за корисење на правото на инвалидска пензија тогаш истиот може да го продолжи боледувањето на товар на Фондот, ако за тоа постојат медицински индикации кои ги утврдуваат лекарските комисии на Фондот.
Ова не е единствен предмет за злоупотреби на боледувањата, особено во времето на пандемијата со ковид 19. Дали граѓани седат дома иако здравствената состојба им е добра притоа користејќи извештаи со дијагнози како постковид компликации?
Првите три месеци годинава од 39 контроли на боледувања што ги направил Фондот кај 11 констатирале неправилности – неуредна медицинска документација, неизвршени процедури за дијагнозата наведена во извештајот за спреченоста од работа, ретроактивно издавање на боледување прекршувајќи ги законските процедури.
Но има и кривични елементи при издавање на боледувања кога биле фалсификувани резултати од биохемиски анализи, непостоечки креиран упат и користење на туѓи факсимили. За ваков предмет Државниот санитарен и здравствен инспекторат веќе поднел кривична пријава до ОЈО за случај од минатата година.
Инаку од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ни одговорија дека доставуваат иницијативи за формирање на комисии за стручен надзор кои понатаму врз основа на доставената документација одлучуваат дали има пропусти (злоупотреби) за издадените боледувања.
извор: kurir.mk