Градинките ќе примаат деца и покрај најавите на СОНК за штрајк, кои ќе се остварат доколку до понеделник не биде постигнат договор за барањата на синдикатот, додека основните училишта се поделени според прашањето за одржување на настава во случај на штрајк, судејќи според одговорите на неколку директори на скопските образовни институции.
Барањето за покачување на платите кои се на граница на законскиот минималец се причината за генералниот штрајк кој за понеделник го закажа СОНК, откако пред два дена без успех завршија преговорите со Владата за покачување на платите во образовните сектори за 18,4 отсто, како и за дополнително усогласување на почетната плата, односно минималната плата со колективните договори.
Меѓутоа, иако СОНК интегрално испрати упатства до сите воспитно-образовни институции, директорите на градинките кои ги контактиравме велат дека ниедно дете нема да биде вратено в понеделник .
Без разлика дали СОНК и Владата ќе најдат заеднички јазик во врска со покачувањето на платите или ќе се штрајкува, ние в понеделник нема да вратиме ниедно дете – ни кажа директорката на детската градинка „Буба Мара“ во Ново Лисиче.
Сличен одговор добивме и од директорката на детската градинка „Срничка“ во Аеродром.
Се надевам дека во овие неколку дена СОНК и Владата ќе најдат заеднички јазик и дека нема да има штрајк. Чекаме насоки од СОНК за внатрешна организација, но децата нема да ги оставиме пред врата – порачаа од градинката „Срничка“.
СОНК претходно испрати одлука и упатство до воспитно-образовните установи за организирање и одржување на генералниот штрајк.
извор: novamakedonija.com.mk