Дознаките од странство се вратија на преткризното ниво, со тоа што минатата година остварија раст на годишна основа од 44 отсто. Тие се многу значаен девизен потенцијал за нашата економија, но и извор на финансирање на потрошувачката на домаќинствата.
„Дознаките се еден канал кај којшто гледаме ефекти при секоја кризна епизода. За време на пандемијата имаше значаен пад. Тие се намалија за околу 24 отсто, или номинално околу 400 милиони евра, што е навистина значаен износ за нашата економија. Затворањето на економиите, рестрикциите за патувања, влошувањето на условите на пазарот на труд кадешто живеат иселениците, помал расположив доход и помалата можност за праќање на средства, го имаа своето влијание. Од друга страна, ме радува тоа што минатата година, овој тренд забележа значајно подобрување, со раст на годишна основа од 44 отсто кај дознаките, со што тие веќе се вратија на преткризното ниво“, вели гувернерката.
За кредитирањето, гувернерката посочува дека последните податоци упатуваат на солиден кредитен раст, кој е особено изразен кај корпоративниот сектор, каде има забрзување на кредитирањето.
Последните расположиви податоци од февруари годинава, укажуваат на солиден кредитен раст од околу 9 отсто и она што е значајно да се потенцира е забрзување на кредитната поддршка на корпоративниот сектор, којашто во преткризниот период и во првата пандемиска година беше прилично слаба, некаде околу еден или два отсто кредитен раст. Сега кај претпријатијата достигнува 10 отсто. Кај населението се забележува одредено умерено забавување и последните бројки упатуваат на кредитен раст од околу 8 проценти.
извор: faktor.mk