Цигари и алкохол: Речиси 60 отсто од хит песните содржат референци за штетни материи. Меѓу „прекршителите“ – изведувачи кои најчесто промовираат нездрав начин на живот се Дрејк, „Марун 5“, Ед Ширан, Тејлор Свифт.
За потребите на студијата, нејзините автори ги анализирале хитовите на топ листите помеѓу 2014 и 2020 година за да утврдат во текстовите и видеата колку од нив споменуваат алкохол, цигари или дрога.
Лидер по штетна содржина е канадскиот рапер Дрејк – вкупно 23 негови песни и видеа прикажуваат пушење, пиење или дроги. Следува американската група „Марун 5“ со 10.
Тејлор Свифт, Ед Ширан и раперката Ники Минаж го делат третото место со седум песни и видеа во кои се спомнуваат штетни материи, а најмногу се зборува за алкохол и цигари. За споредба, стиховите и видеата на Дрејк содржат пет штетни материи (алкохол, цигари, електронски цигари, марихуана, наргиле).
Уметниците како Џастин Бибер, Бијонсе, Калвин Харис, Уан Дирекшн и Аријана Гранде се споменуваат и во студијата како промотори на нездрав начин на живот.
„Познатите знаат дека младите ги гледаат и ги имитираат. Сакаме текстовите и видеата да зборуваат многу помалку за овие супстанции. Нема здравствени придобивки за младите кои ги консумираат, но секако има многу ризици и негативни последици“, вели водачот на студијата, Стефани Алберт од Универзитетот во Њујорк.
Истражувачите се на мислење дека прикажувањето на штетни материи во текстовите и спотови на хит песни е проблем за јавното здравје.
„Ѕвездите играат многу важна улога во општеството и имаат единствена можност да имаат позитивно влијание врз животите на луѓето без да ја поттикнуваат или разубавуваат употребата на алкохол, цигари и дрога“, додаде Алберт.
извор: lokalno.mk