Граѓаните од утре нема да може да извадат никаков документ од Управата за водење матични книги, ниту со барања поднесени лично, ниту онлајн.
Тука спаѓаат изводи од родени, запишување на новородени деца, запишување на починати лица односно вадење умреници, нема да може да се вадат венчаници, уверенија за слободна брачна состојба ниту да се склучуваат бракови. Единствено граѓаните што веќе имаат закажано термин за венчавка, ќе може да се венчаат, а нови термини нема да се закажуваат, затоа што Синдикатот на Управата за водење матични книги, стапува во штрајк, кој ќе трае во текот на целото работно време на институцијата во сите подрачни канцеларии на Управата, се до исполнување на барањата на околу 500 вработени.
Претседателот на Синдикатот на Управата за водење матични книги за „Слободен печат“ вели дека барањата на вработените се да им се признаат звањата на тие што работат во институцијата 15 или 20 години, а уште земаат иста плата независно од тоа што имаат повисоко звање.
Сите вработени во Управата работат иста работа, иако по закон не би смеело тоа да се случува. На пример, и помлад референт и самостоен референт работат иста работа и имаат иста одговорност.
извор: vecer.mk