Во екот на поскапувањето на основните прехранбени производи, ретко кој забележува дека покрај повисоките цени на маслото за јадење, брашното, јајцата и зеленчукот, порасна и цената на шеќерот.
За само две недели шеќерот поскапе 16 денари и во маркетите може да се купи по цена од 51 до 55 денари за пакување од 800 или 900 грама при што многу често полиците со него остануваат празни. Трговците кои на големо кои го пакуваат и дистрибуираат овој производ велат дека шеќер има во доволни количини, но дека цената расте при секоја набавка. Граѓаните негодуваат, но продолжуваат да трупаат залихи и од овој производ.
Трговците се жалат дека и овој производ многу се купува во последно време.
Трговците на големо кои ги снабдуваат продажните објекти со шеќер велат дека нема проблем во дистрибуцијата на шеќер во земјава, но нивните набавки се поскапи од претходно и затоа шеќерот има нова цена.
Земјава нема сопствено производство на шеќер и главно го увезува овој производ. Шеќераната во Битола не работи од 2015 година, а шеќерната репка на нивите ја нема од 2007 година кога за последен пат се произведени 7.852 тони репка. Колку за споредба, во 1996 година во земјава се произведени 78.278 тони шеќерна репка. Битолската шеќерана во одделни години преработувала и по 160.000 тони.
Иако државата дава субвенции и за оваа култура, земјоделците немаат интерес повторно да ја одгледуваат. Годишно од земјава се одлеваат околу 40 милиони евра за увоз на шеќер.
извор: zelenaberza.com.mk