Наместо пофалба за зголемените износи, државната политика на стипендирање изминава година беше „поздравена“ со обвинувања и револт меѓу студентите и учениците и утврдена индиректна дискриминација од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
Покачени стипендии, но не за секого
Минатото лето МОН соопшти дека студентите и учениците од учебната 2021/2022 година ќе добиват покачени стипендии, кои во одредени категории се зголемија и до 80 отсто. Со ова, студентските стипендии од прва, втора, трета и четврта категорија од годинава изнесуваат 6.050 денари месечно, наместо 3.300 денари колку што „вредеа“ претходно, додека ученичките стипендии се зголемија на износ од 3.500 денари, наместо претходните кои се движеа од 2.000 до 2.970 денари.
Но, со објавувањето на конкурсите во септември минатата година, стана јасно дека зголемените стипендии нема да важат за сите студенти и ученици, односно дека покачени стипендии ќе добиваат само оние кои аплицирале на новите конкурси. Студентите и учениците кои го оствариле правото на стипендија во некоја од претходните години, продолжија да ги земаат истите суми.
Реакциите на студентите пламнаа веднаш по објавувањето на конкурсот, а беше покрената и онлајн петиција со која се бараше зголемените износи да важат за сите студенти, наместо некои да бидат фаворизирани во однос на другите. Во петицијата студентите обвинија дека се врши дискриминација и дека со условите во конкурсите се прави поделба меѓу студентите.
„Нелогично и апсурдно е стипендија од иста категорија за еден студент да биде повисока, а за друг пониска. Несфатливи се околностите под кои стипендиите на студентите кои веќе ги користат се помали од оние на новите апликанти. Сите студенти имаат исти или слични потреби и трошоци и сите заслужуваат да добиваат еднаков третман“, пишува во петицијата која собра над 8.000 потписи.
Согласно своите законски надлежности, Комисијата му препорачала на МОН да изготви и достави Предлог-програма за измени и дополнувања на Програмата за остварување и развој на дејноста на студентскиот и ученичкиот стандард со акциски план и соодветни буџетски финансиски импликации за изедначување на износот на стипендиите на корисниците на стипендија кои правото го оствариле во претходните академски години на износ од 6.050 денари за студентите, односно 3.500 денари за средношколците.
МОН не постапило според препораката, се чека одговор од Владата.
извор: meta.mk