Со предложените измените на Законот за минимална плата, кои се на дневен ред на денешното продолжение на 53. седница на Собранието на Република Македонија, државата планира да ги поттикне работодавачите кои имаат финансиски проблеми да ги исплатат зголемените плати на вработените кои се покачени над минималната плата и изнесуваат до 18.000 денари нето плата.
Според Предлогот, финансиската поддршка ќе се обезбеди во периодот од јули до декември годинава и ќе изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во октомври, ноември и декември минатата година. Максималната финансиска поддршка може да изнесува 1.200 денари.
Според проекциите на Министерството за труд и социјална политика, доколку аплицираат сите кои ги исполнуваат условите за мерката, ќе бидат опфатени околу 50.000 вработени и 15.000 работодавачи.
Со претходните измени на Законот за минимална плата, минималната плата се зголеми на 12.000 денари во нето износ, со што околу 90.000 работници со полно работно време добија покачување на платата. Дополнително, со измените на Законот се изедначи минималната плата во сите дејности, вклучувајќи ги и одделите производство на текстил, производство на облека и производство на кожа и слични производи од кожа, кај кои во изминатиот период висината на минимална плата беше на пониско ниво (9.590 денари, наспроти 10.080 во другите оддели).
Со покачување на минималната плата, дојде до приближување на платите на работниците кои имаат минимална плата и работниците кои пред покачувањето на минималната плата имале приближно до 12.000 денари. Поради ова, се вели во образложението, се наметна потребата од финансиска поддршка од државата за надминување на јазот од изедначување на дел од платите поради усогласување со минималната плата што се јави кај трудоинтензивни компании, односно претпријатија кај кој трошоците за вработените сочинуваат повеќе од 50 отсто од вкупните трошоци.
Според Предлогот, финансиската поддршка се обезбедува за работодавач кој е правно лице или самостоен вршител на дејност, кој во претходната година имал трошоци за вработените (плати, надоместоци, даноци за платите и надоместоците и придонеси од задолжително социјално осигурување) во износ повисок од 50 проценти од вкупните расходи. За да ја добие финансиската поддршка неопходно е работодавачот во октомври, ноември и декември 2017 година на работникот да му исплатил просечна бруто плата до 26.250 денари, да не е ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход за работникот, да има статус на активен обврзник, како и да ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот за кој се обезбедува финансиската поддршка .
Средствата за исплата на финансиската поддршка се обезбедуваат од Буџетот на РМ. За спроведување на законот, што се носи по скратена постапка, ќе бидат потребни околу 372.000.000 денари за 2018 година, односно 892.800 денари за 2019 година.
Извор: Бриф.мк