Таа има бизнис концепт од кој заработува а заснован само на конец и игла.
Скопјанка Ана Јовановска со моминско презиме Стојановиќ е успешна жена која со својата уникатна идеја и работа е вистински доказ дека ако сакаш да работиш работа има,а ако си доволно креативен пак, можеш од твоето хоби да направиш уникатен бизнис концепт.
Нејзината приказна се вика РАДОСТ, затоа што нејзините креации ги создава за да предизвика радост- најчесто кај децата. Таа од само два елементи конец и полнење- изработува плетени кукли кои се 100% безбедни за децата од најмала возраст и се 100% Македонски производ Полнењето им е анти-бактериско а конците памучни. Сите делови на кукличките се изработени од конец. Не употребува пластични или метални додатоци.
Ана е со диплома од ликовна уметност по професија графичар а по вокација мајка на три синчиња чие хоби е да предизвикува Радост . Еве како почна се...
-Со огромно задоволство раскажувам и ќе раскажувам како се роди РАДОСТ. Секоја приказна има свој почеток. Приказната на РАДОСТ е непосредна, за мене лично магична. Јас сум мајка на три синчиња. Пролетта кога почна да се ткае оваа магична приказна јас плетев ташни (лично за себе). Еден ден моето второ синче посака да му сплетам жирафа “мама пете вафа". Поминавме неколку дена во убедување дека мама не знае да сплете жирафа, но Михаил беше толку упорен (како и во скоро секоја негова намера) па така најдовме дома едно пишано магаренце по кое отприлика се водев за формата. После неколку дена плетење пристигна првата играчка жирафа. Михаил беше пресреќен. Ја гушкаше со денови, а погледот му сјаеше од среќа. Сега ги гушка сите играчки кои ги плетам. Не дозволува ниту една да замине не изгушкана. Тоа е еден негов свечен ритуал кој го обожавам до бескрајот. А РАДОСТ името? Исто така спонтано низ еден разговор со пријатели кои ме прашаа “Ана за што ги плетеш играчкиве?” како од пушка одговорив “за РАДОСТ". Јас се радувам како мало дете додека ги создавам. Ги гушкам ги бацувам и со не верување сум дека тоа навистина јас го создадов. Без временски се. Секоја создадена играчка е своја приказна. Полни со љубов и позитивна енергија.
Ана научила да плете од како што вели една многу стрплива баба која пак ја научила да плете без шема што денес и тоа како и помага во работата. Прво изработувала, елечиња, ташни,шалови, чорапчиња а денес за едно кукличе и треба од 2 до 7 дена...
-Се зависи од побараната форма. Ако претходно сум ја работела формат процесот на изработка е побрз затоа што веќе имам претстава како треба да ја носам играчката низ иглите. Каде да одземам каде да наддавам котелци. Ако е повеќе комплицирана форма прво неколку дена размислувам поединечно за сите делови (раце, нозе, уши, глава, гардероба итн.). Материјалите со кои што работам се вкупно два. 100% памучен конец кој го набавувам од продавниците на Тетекс и антибактериско лио (термички обработени памучни топчиња).
Ана користејќи ја својата умешност за плетење знаела уште како студент да сплете некоја ташна и да заработи пари за џепарац...Денес вели дека заработува доволно. Нејзините куклички се продаваат по цена од 800 до 1800 денари а сепак она што нема цена е радоста на дечињата кога ќе го добијат и гушнат подарокот...А како решила д а почне и да заработува од ова?
-Одлуката за да се работи и живее од ова дојде многу спонтано. Најголеми “виновници” беа луѓето на фан страната на https://www.facebook.com/radostracniizrabotki/ кои со восхит ја прифаќаа секоја ново настаната играчка. Потоа поддршка добив од моето потесно семејство, мојот сопруг, моите родители , моите деца (кои апсолутно го обожаваат моментот додека се создаваат играчките). Сето ова е посебно важно да успее приказната на РАДОСТ. Секој почеток е тежок ако така се пристапува на почетокот. РАДОСТ се гради себеси со љубов и позитивна мисла. Остварениот месечен приход е сосема прифатлив сега за сега. Можеби се уште не доволен но тоа не смее да претставува пречка. Сепак на ова јас работам само една година, а тоа е исклучително мал временски период за било какво предвидување. Не водам тежок маркетинг (онолку колку што успевам да стасам, земајќи ги во предвид секојдневните обврски во домот) луѓето дознаваат за мене од фан страната на RADOST racni izrabotki, каде ги добивам нарачките. Цената на кукличките е достапна од 800ден. до 1800ден. (формирана е по големина и тежина на изработка на формите, и проценка на денови кои треба да се одвојат за изработка). Доставата надвор од Скопје е со брза пратка, а во Скопје по договор со клиентот. Кукличките почнаа да излегуваат веќе и надвор од нашите простори (што особено ме радува). Најчесто како подароци, но најважно е да се шири РАДОСТ. Јас верувам во оваа приказна која ќе биде една од моите најубави за раскажување.
И додава: Она што можам да им го посочам на другите кои имаат некоја вештина, а само ја одржуваат како хоби, да веруваат во нивната вештина која им е дадена како драгоцен подарок кој не случајно е кај нив. Сите ние сме создадени за да создаваме, а најголема сатисфакција во животот е да создаваш со љубов и душа.
Интервјуто го завршивме со идните планови на Ана и нејзината РАДОСТ..
-Она што иднината ќе го донесе најчесто е врзано со она што си го направил и она што во моментот го правиш. Креативноста нуди илјадници можности. Она на што планирам да се посветам сега во моментов е токму кукларствoто. Би сакала да створам можности да посетам некоја школа за кукларство можеби во Русија или Бугарија како би ја усовршила техниката. За десетина години верувам дека делумно ќе ја раскажам приказната за ликот кој полека но сигурно го создавам во моите мисли. Лик кој би сакала да биде уникатен, препознатлив и ќе раскажува радосна приказна.
А ние Ана ти ја посакуваме целата РАДОСТ на планетава!
Радосни сме што беше дел од УСПЕШНИТЕ ПРИКАЗНИ!
Редакција на ВРАБОТУВАЊЕ.ком