По 19 години заврши ерата на Роман Абрамович во Челси. „Сините“ на својот официјален сајт потврдија дека конзорциумот на чело со американскиот милијардер Тод Боели е новиот сопственик на клубот.
Доскорешниот сопственик на англискиот клуб, рускиот милијардер Роман Абрамович беше присилен да го продаде Челси поради санкциите кои Велика Британија им ги воведе на руските државјани, особено на олигарсите, по избивањето на војната во Украина.
На Челси му се закануваше и суспензија од Лигата на шампионите и Премиер лигата доколку не беше продаден, па на крајот беше прифатена оваа понуда од американскиот милијардер.
Новите сопственици за купувањето на Челси платиле 2,5 милијарди фунти, кои ќе бидат депонирани на замрзнатата банкарска сметка во Британија, со намера 100 отсто да се донираат во хуманитарни цели како што најави Абрамович.
Исто така новите сопственици се обврзале дополнително да инвестираат 1,75 милијарди фунти за клубот, а тоа подразбира вложување во Стемфорд Бриџ, академијата на клубот, женскиот тим и финансирање на фондацијата Челси. Сета папирологија и официјално примопредавање на Челси од руските во американските раце би требало да бидат завршени до крајот на мај.
Навивачите на Челси сега особено се прашуваат кој е Тод Боели, човекот кој во наредните години ќе биде сопственик на клубот.
Тој е потомок на германски иселеници, а според проценките, е „тежок“ 4,2 милијарди евра.
На Боели спортот не му е непозната работа. Тој во текот на школувањето бил член на боречки тим и бил прилично успешен во овој спорт, со освоена титула две сезони. Љубовта кон спортот продолжил да ја искажува подоцна и преку бизнисот, па така откупил дел од сопствеништвото во неколку спортски клубови во Лос Анџелес. Сопственик е на 27 отсто од кошаркарскиот клуб Лос Анџелес Лејкерс, 20 отсто од сопствеништвото над бејзбол клубот Лос Анџелес Доџерс, а исто така поседува и дел од женскиот кошаркарски клуб Лос Анџелес Спаркс.
Пред Челси, во 2021 година сакал да го преземе фудбалскиот клуб Вашингтон Спирит, но на крајот се откажал во јануари оваа година по преговори од речиси еден месец.
Сопственик е на голем холдинг „Eldridge Industries“ во рамки на кој се инвестира во технологија, исхрана, недвижнини, осигурување, медиуми, спорт и музика, па така откупил и права за многу познати изведувачи како Брус Спрингстин и групата „The Killers“.
Тод Боели е и сопственик на голем медиумски конзорциум во рамки на кој се издаваат списанија како „Billboard“, „Rolling Stone“, „Hollywood Reporter“, „Variety“ и многу други.