Џеф Фаршман (72) речиси две децении своите години ги поминал како и многу други авантуристички пензионери, уживајќи во крстарењата до егзотичните пристаништа.
Фаршман сега е дел и од растечката група на постари луѓе кои буквално се „пензионираат“ на бродови за крстарење, односно крузери.
„Пред пандемијата, крстарев седум до осум месеци годишно – вели овој Американец, додавајќи дека тој е „светски патник и истражувач и дека крстарењето му овозможило да ја види целата планета“.
„Само продолжив да го пролонгирам и пролонгирам времето на бродот, бидејќи уреганот ги уништи моите првобитни зимски планови. На крајот врзав шест патувања по ред“, објаснува тој.
Речиси 20 години подоцна од тоа случување, Фаршман сега го организира својот живот така што практично живее на море – а на копно се задржува што е можно пократко.
Сепак, кога започнала пандемијата, немал избор. За Фаршамн, тоа значело 19 месеци – вклучувајќи ја зимата – без крстарење, што е негов најдолг период на копно во речиси две децении. Сепак, кога главните линии ги воспоставиле здравствените ковид протоколи, овие авантуристи се вратиле на бродовите. Конкретно, Фаршман вели дека се чувствува безбедно додека крстари.
Кои се бенефитите од „пензионирањето на море“?
Иако нема прецизни бројки, пензионирањето на крузерите добива се поголемо значење – и покрај немирите во индустријата, предизвикани со корона кризата. Инаку, крстарењето отсекогаш било привлечно за постарите патници.
Всушност, според податоците на меѓународното здружение Cruise Lines, една третина од 28,5 милиони луѓе кои тргнале на крстарење во 2018 година биле постари од 60 години – а повеќе од 50 % биле постари од 50 години.
Згора на тоа, бродовите за крстарење нудат многу од основните бенефити кои на постарите луѓе им се потребни да напредуваат: организирање активности, пристојно ниво на медицинска нега и што е најважно, заедница на „патници – истомисленици“. Пензионирањето на брод за крстарење може да се покаже и како економски оправдано.
Имено, иако цените за крстарење со луксузни бродови се движат до 250 долари по ден, има примери каде луѓето ги намалуваат трошоците на 89 долари дневно, што е далеку поевтино. Оние кои често патуваат имаат право на кредити на бродот за врвна храна, пијалаци, бањи и други активности.
Започнувањето на движењето „пензионирање на море“ потпомогнато е од неодамнешното насочување кон подолги, покомплекси „светски крстарења“, или т.н. „големи крстарења“ кои можат да траат 50 или повеќе денови.
извор: rabotnik.com.mk