Само што се зголеми, минималната плата го изгуби чекорот со цените. Две минимални плати веќе не се доволни да ја наполнат минималната кошница со храна, сметки за комуналии и останатите неопходни потреби на едно четиричлено семејство.
Според анализата на ССМ, зголемувањето на вредноста на минималната синдикална кошничка расте поради енормниот пораст на цените. Најголемо зголемување има кај исхраната и пијалаците за 4,3% во однос на претходниот месец, додека пак споредено со април лани трошоците за исхрана за зголемени за 14,8 проценти. Кај превозот во однос на претходниот месец, трошоците се зголемени за 3,1%, а во однос на претходната година за 21,8%.
Во април за исхрана требало да се потрошат минимум 16,5 илјади денари, а во структурата на кошничката на храна и пијалаци отпаѓаат повеќе од 43 проценти. Практично, еден вработен со минимална плата во семејството работи само за храна.
Растот на трошоците за живот произлегува од галопирачкиот раст на цените, за кои нема прогнози дека ќе бидат скротени во скоро време. За само еден месец, во април цената на маслото скокна за една четвртина, овошјето е поскапо за близу 13 проценти, зеленчукот за 4,4 проценти, сирењето и урдата за околу четири проценти… Овие рекордни поскапувања се случуваат во услови кога годишниот раст на платите изнесува само 6,8 проценти.
Пресметките на експертите покажуваат дека наспроти просекот од близу 500 евра, платите на голем број вработени во нашата држава се мали и далеку од доволни за полнење на минималната кошница. Економскиот институт „Фајненс тинк“ пресмета дека со зголемувањето на минималецот на 18.000 денари, близу 170.000 вработени кои примале помалку од таа сума се изедначуваат со групата од близу 50.000 вработени со примања од 18.001 до 20.000 денари.