Поделбата на патници кај различните видови на превоз во меѓуградскиот и градскиот превоз во земјава покажува загрижувачки резултати од аспект на емисиите на стакленички гасови и учеството на транспортот во аерозагадувањето. Возот како најеколошко средство за масовен превоз на патници најмалку се користи, додека такси превозот било второто најкористено средство за јавен превоз лани во Македонија.
Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2021 година велат дека со такси превоз во меѓуградскиот превоз лани патувале 1.542.000 патници. Најмногу граѓани меѓу градовите патувале со автобус, додека патничките возови како превозно средство лани ги користеле само 252.000 патници.
Слични бројки се добиени и за градско-приградскиот превоз во земјава. Во јавниот автобуски превоз на градско-приградските линии лани биле превезени 37.386.000 патници, вклучувајќи го и скопскиот јавен превоз. Наспроти ова, со такси во самите градови во 2021 година патувале дури 18.213.000 патници. Притоа, извештајот на ДЗС во градскиот превоз со такси ги бележи единствено легалните такси компании кои имале вкупно 2.109 автомобили во 2021 година.
Проценките се дека со такси превоз во земјава се патува многу повеќе и во меѓуградскиот превоз и во рамките на самите градови, но поради тоа што станува збор за нелегален бизнис, институциите немаат релевантни податоци за бројот на превезени патници со дивите таксисти.
Инаку, Мета.мк веќе објави дека просечната старост на возилата во земјава во 2020 година изнесувала 19,4 години. Во однос на потрошувачката на гориво, ДЗС пресметал дека лани такси превозот потрошил 3.248 тони дизел гориво, 3.033 тони автогас и 408 тони бензин при легалниот превоз на патници. Просечната старост на такси возилата не е позната, но со исклучок на мал број на легални такси компании низ земјава, вообичаено такси возилата се во поодмината старост.
Целиот текст прочитајте го на ЛИНКОТ.