Македонските работници во странство во 2021 како дознаки испратиле 344,45 милиони евра, од кои 19,92 милиони биле одлив, покажуваат обработените податоци од Народна банка кои ни се испратени за минатата година.
Според методологијата на Еуростат, во текот на 2020 година дијаспората испратила 361 милион евра во Македонија, што е околу 3,4 проценти од бруто-домашниот производ на земјата. Тоа е убедливо најмал процент на учество во БДП доколку се споредат податоците со земјите во Западен Балкан.
Од Народна банка често нагласуваат дека е тешко да се посочи на прецизен износ, поради поголемата застапеност на дознаки во готовина, колкава е вкупната и реална сума испратена од иселениците.
Според проценките на НБ коишто се прават според методологија усогласена со Меѓународниот монетарен фонд, износот на овие дознаки, од 2009 година наваму, надминува една милијарда евра годишно, односно изнесува околу 16 проценти од БДП.
Кога станува збор за кешот, во 2021 година, на граничните премини пријавени се вкупно парични средства во противвредност на 13.818.674 евра што законски треба да се пријават над лимитот за влез во Македонија. Во 2021 година пријавени се за 128,25 отсто повеќе девизи во однос на 2020 година.
Од вкупно пријавените девизи 10.927.705 се евра, 1.788.270 се швајцарски франци, 1.157.107 се американски долари, 10.556.476 се македонски денари, 200.000 се шведски круни, 116.905 се канадски долари и 8.000 се британски фунти . Според извештајот на Царинската управа, најмногу девизни средства се пријавени на Блаце (противвредност на 8.154.327 евра) и на скопскиот аеродром (противвредност на 3.795.375 евра).