Пратениците доставија предлог-измени на Законот за работни односи со кои се додаваат уште шест дејности кои ќе може да работат во недела, а пред се им се излегува во пресрет на занаетчиите и на производството на масло за јадење.
Во денот недела се враќа и откупот на земјоделски производи и производство на винo, само во процесите поврзани со прием, обработка и процесирање на грозје и гроздова каша, ферментација, стабилизација, филтрација, анализа и следење и техничка и енергетска поддршка на овие процеси.
Сѐ поголем број занаетчии годинава алармираа дека поради неработната недела значително им се намалуваат можностите за остварување профит. За голем дел од професиите нема никаква можност да работат во недела, ниту оние занаетчии што сами се сопственици и сами работат во својот дуќан, односно нема можност самиот газда да се пријави и да работи во недела.
Според законското решение и измената на Законот за работни односи, дозволено им е само на четири занаетчиски дејности да работат, и тоа производство на леб и слатки во свежа состојба (пекарници и слаткарници), фотографски дејности, печатење и издавање весници (печатници). За сите други дејности е забрането да работат во недела.
Од занаетчиската комора поднесоа барање да се прошири листата на дејности што ќе може да работат во недела, бидејќи се стравува оти некои дуќани би можеле целосно да прекинат со работа доколку неделата остане неработен ден. Претставниците на Занаетчиската комора претходно посочија дека дека барање за да работат во недела имаат поднесено повеќе услужни дејности, како што се фризер, декоратер на настани, шминкер, цвеќар, поправка на апарати за домаќинствата итн.
извор: faktor.mk