Неизорани ниви, обраснати со трева. Ваквата, се почеста слика на обработливата земја во Македонија се чини дека се уште не е причина за црвен аларм во опшеството. Во ситуација кога светот се погласно предупредува на недостиг од храна, македонските земјоделци се откажуваат од обработка на нивите.
Земјоделците со кои контактираше Локално, како причини за ваквата состојба посочуваат неколку: скапа електрична енергија и нафта како и неколкукратно покачени цени на семињата и ѓубривата. Дејството на сите овие фактори предизвикуваат несогледливи последици, велат тие.
„Јас секоја година садев по два хектара, но сега се ми е скапо. Трошоците се покачија три пати. Има многу земјоделци кои се како мене. На пр.вештачкото ѓубре од 500 денари отиде на 1300 ден.,или 150 % покачување, исто е и со препаратите, семињата…Тешка е иднината за нас земјоделците’’, вели за Локално земјоделец од кривопаланечкиот крај. Како голем проблем го посочува и фактот дека не е развиен системот за наводнување, а некаде воопшто и го нема. Оттука, според него се повеќе се отвора дилемата како да се опстои и дали економската логика налага да се откажат од работата на нива.
Незадоволството меѓу земјоделците е присутно дури и во услови кога државата по разни основи троши милиони евра годишно за подршка на аграрот, од кои најголем дел се директни субвенции. Нивните забелешки се насочени кон тоа дека субвенциите сами по себе се недоволни, но и дека е неопходна конкретна стратегија и решавање на проблемите, пред се на тие што се однесуваат на откупните цени. Единствениот излез за тоа според нив е определување на лиценцирани фирми кои ќе ги откупуваат производите и тоа по реална цена.Без вакво решение, велат земјоделците, нема да има напредок, а земјоделието ќе продолжи да пропаѓа.