Купивте нов клима уред, машина за перење или фрижидер, а на едната страна забележавте етикета со бои од црвена до зелена и букви од A до G. Па, се прашувате што означуваат?
Станува збор за производи што влијаат на потрошувачката на електрична енергија, па од таа причина се дефинирани седум основни енергетски класи, почнувајќи од најмалку ефикасната класа G, до најефикасната А класа. Во рамки на класата се користат и три дополнителни класи што означуваат уште поголема енергетска ефикасност на уредите – А+, А++ и А+++.
Податоците покажуваат дека најголеми потрошувачи на струја во едно домаќинство се електричните уреди (фрижидери, машини за перење, електрични шпорети, бојлери, замрзнувачи…), коишто годишно трошат скоро една петтина од вкупната количина на електрична енергија што му е потребна на едно домаќинство.
Уредите што ѝ припаѓаат на А+++ енергетската класа трошат дури 60% помалку електрична енергија во однос на уредите што ја носат само А класата. На пример, еден комбиниран фрижидер од класа А+++ годишно троши околу 150kWh електрична енергија, додека ист таков фрижидер од класа А има потрошувачка од околу 300kWh струја.
Доколку купувате машина за перење алишта со ознака А+++, во тој случај таа ќе троши за 30% помалку електрична енергија во однос на машина од енергетската класа А. Но, ако на машината за перење има ознака со С класа, во споредба со А+++ ќе има потрошувачка поголема за дури 95%.
Клима уредите се големи потрошувачи на струја, а нивната потрошувачка зависи од големината на просторот што го разладуваат или затоплуваат, силата на клима уредот и од тоа колку часа дневно е пуштена. Оние клима уреди што се од енергетска класа А трошат меѓу 18 и 60kWh струја месечно ако се вклучени само на еден час. Ако клима уредот е од класа D, за истиот период ќе има потрошувачка поголема за околу 20%.
Енергетски ефикасните уреди со поголема енергетска ефикасност, освен што трошат помалку електрична енергија и вода, имаат и помало ниво на бука, па затоа се тивки и еколошки прифатливи.
Европската унија во 2010 година ја усвои директивата за енергетски ознаки со коишто е пропишано уредите да бидат означени според нивото на потрошувачка на струја од А до G. Директивата на почетокот ги опфаќаше само фрижидерите, машините за перење, машините за миење садови, а потоа е проширена и на останати апарати за домаќинство како што се телевизори, шпорети, машини за сушење алишта, осветлување…