Новите мерки на хрватската влада предводена од премиерот Андреј Пленковиќ доведоа до намалување на цените на горивата.
На владината седница одржана во понеделникот, донесена е одлука со која за 50 литарски резервоар заштедата за бензин е околу 114 куни, а за дизелот 134 куни.
-На седница на Владата донесовме нови мерки за ублажување на растот на цената на горивата и ударот по стандардот на граѓаните. Со намалување на висината на расходите и ограничување на висината на маржите, воведуваме 14-дневен период за утврдување на цените на нафтените деривати, напиша Пленковиќ на Фејсбук.
Ова значи дека цените на нафтените деривати ќе се менуваат на секои 14 дена, што значи поголема сигурност и стабилност за домашниот буџет на граѓаните.
-Со ваков начин на пресметка ќе се донесе максимална заштеда за граѓаните. Ова е поповолно за граѓаните, порачува Пленковиќ.
Ваквите мерки ќе важат 30 дена по што владата, како што е најавено, повторно ќе ја процени состојбата и одново доколку има потреба ќе реагира.
Пред речиси една недела, интервенција во цената на горивата имаше и во Германија откако државата се откажа од голем дел од данокот за енергија.