На сите веќе им е познато дека прво нешто што бараат детективите во криминалните случаи се отпечатоци од прсти. Овие уникатни импресии се користат како личен печат веќе илјадници години.
Во Кина 300 години п.н.е. писмата биле запечатувани со глина и врз неа се втиснувал отпечаток од прстот на авторот. На крајот на 1800-тите години, Хенри Фулдс, медицински мисионер во Јапонија за прв пат ги публикувал истражувањата поврзани со уникатноста и потенцијалната можност за индивидуализација на овие отпечатоци.
Сер Френсис Галтон пресметал дека веројатноста да има два потполно исти отпечатоци од прсти е 1 во 64 милијарди, што значи дека секој отпечаток од прст од сегашните 7,3 милијарди луѓе е уникатен. Иако е дискутабилно колку е ова точно (бидејќи, очигледно, не се земени отпечатоци од прсти на сите луѓе), постои општа согласност дека идентификацијата преку отпечатоци од прсти е прецизна.
Но, покрај отпечатоците од прстите, постојат и други делови од телото кои го прават секој човек уникатен помеѓу овие 7,3 милијарди. Издвојуваме четири.
1. Ушните школки
Секој човек има прилично уникатни кривини и гребени на ушната школка. Според едно истражување од Универзитетот во Саутемптон, од 2010 година, формата на ушните школки останува речиси непроменета во текот на целиот живот. Тие развиле алгоритам со помош на кој може да се идентификува одредено лице помеѓу 252 други лица со точност од 99,6 проценти. Софтверот врши анализа на тоа како светлината се рефлектира од кривините на увото кај лицето илјадници пати и од тоа креира слика за увото. Иако софтверот има одредени ограничувања, како можноста од неефикасно осветлување или ако лицето носи накит што може да ја промени формата на увото, научниците тврдат дека ова може да служи како замена за отпечатоците од прстите при идентификација на лицата и да се користи во форензиката.
2. Ирисот во окото
Заедно со отпечатоците од прстите и скенирањето на мрежницата, скенирањето на ирисот (или шареницата) претставува уште една корисна алатка за заштита на строго доверливи информации или области.
Скенирањето на ирисот е од корист бидејќи, како што пишува на веб страницата на ФБИ, бојата и структурата на ирисот е генетски поврзана, но деталната шара не е. Ирисот во матката се развива од цврсто свиткана мембрана која пред самото раѓање дегенерира за да се појави зеницата. Кога ова ќе се случи, се формира уникатната шара на ирисот.
3. Јазик
Иако отпечатоците од забите се користат како доказ на суд уште од 1970 година, јазикот е можеби најуникатниот дел од усната празнина. Јазикот скоро воопшто не трпи промени бидејќи е заштитен во внатрешноста на устата. Едно истражување објавено во списанието „Advances in Biometrics“, посочува дека јазикот може да биде корисно средство за идентификација бидејќи „јазикот е уникатен за секој човек и по својата форма и по својата површинска структура“. Покрај тоа, истражувачите нагласуваат дека „јазикот е единствениот внатрешен орган кој лесно и брзо може да се прегледа“ и дека неговата форма обично не се менува- физиолошката структура на јазикот е непроменлива, дури и кога неговата површина е прекриена со наслаги“.
Иако не е целосно докажано дека јазикот кај секој човек е уникатен, некои истражувачи велат дека овие карактеристики, како и неможноста да се фалсификува отпечатокот од јазикот, може да бидат веродостојна опција за идентификување на осомничени лица. Сепак, ова треба да се потврди со понатамошни истражувања.
4. Одот
Секој човек има различен од, а тоа не подразбира само како ги движи нозете, туку движењето на целото тело. Според анализите на овие карактеристични движења, истражувачите откриле дека има 24 компоненти преку кои може многу прецизно да се идентификува едно лице. Има повеќе истражувања кои го анализираат одот кај човекот. На пример, во едно од истражувањата, врз база на техника што ја нарекуваат „енергетска слика на одот“, се креираат компјутерски слики на силуетите со карактеристичен од. Истражувачите додаваат карактеристики кои му овозможуваат на компјутерот врз основа на сенките од облеката и со помош на гејмерскиот сензор „Kinect“ на Мајкрософт, со кој може да се мери длабочина, во 80 проценти точно да ги идентификува учесниците. Постојат и други програми кои исто така го анализираат одот, како оној што е прикажан подолу. Иако, повеќето од нив не се толку прецизни како оној што се користел во споменатото истражување, истражувањата се сепак ветувачки.