За околу 255 илјади основци и средношколци денеска е последниот училиштен ден во учебната 2021/2022. Годината завршува во редовниот термин и покрај одложениот почеток на второто полугодие за десетина дена, поради влошената состојба со КОВИД-19, како и загубените 12 дена од наставата во април додека траеше штрајкот на СОНК.
Учебната 2021/2022 почна со физичко присуство за сите ученици. Првпат од затворањето на 11 март 2020 поради пандемијата, училиштата лани во септември беа отворени во нивниот полн капацитет, со примена на соодветни антиковид-протоколи. Учениците ја следеа наставата со заштитни маски до пред околу два месеца кога по препорака на Комисијата за заразни болести оваа мерка за нив веќе не беше задолжителна.
Новина во учебната 2021/2022 беше Концепцијата за основно образование која почна да се применува во прво и четврто одделение. Во наредната 2022/2023 година таа ќе продолжи да се воведува во второ и петто одделение за што Бирото за развој на образованието изработи нови наставни програми. Планот на МОН е етапно да биде воведена во сите одделенија и за пет години деветгодишното основно образование да биде целосно реформирано.
Од утре, 10 јуни, до 15 јуни ќе трае електронското аплицирање за запишување во средните училишта. Новата дигитална услуга која ја воведува Министерството за образование и наука од оваа година, на учениците ќе им заштеди време и ќе бидат избегнати турканици пред училиштата.
Учениците за упис во прва година средно образование првпат ќе се пријавуваат преку линк до порталот за електронски услуги на МОН https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава на нивните кориснички сметки на schools.mk.
За првото пријавување на учениците во конкурсниот рок, порталот ќе биде отворен утре во 10 часот и учениците ќе може да ги пополнуваат своите пријави (апликации) до 15 часот на 15 јуни. Системот потоа ќе биде затворен за онлајн-аплицирање.
Прелиминарната ранг-листа на запишани ученици ќе биде објавена на 16 јуни на веб-страницата на МОН (www.mon.gov.mk) и на https://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 9 часот. Доставувањето на потребената документација до училиштата ќе биде на 16 јуни од 12 до 19 часот и на 17 јуни од 7 до 19 часот, согласно распоред што ќе го подготви секое училиште.
Речиси 16 илјади матуранти, пак, в понеделник, 13 јуни, ќе го полагаат вториот дел од државната матура – изборниот екстерен испит од предметите: Математика, Англиски јазик, Германски јазик, Француски јазик, Руски јазик, Филозофија или Естетика.
Првиот екстерен испит – задолжителниот Мајчин јазик и литература (македонски, албански или турски) матурантите го полагаа во саботата.
Државниот испитен центар треба да ги објави резултатите од двата испита најдоцна за 30 дена. Тие што нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија кога екстерните испити ќе се полагаат на 10 и на 12 август.