Владините мерки не ги намалија цените на основните производи. И покрај ограничената маржа денеска тие чинат исто како и претходните денови. Кај некои пак има минимално намалување од еден, до два денари. И граѓаните го потврдуваат тоа. Велат ништо не е поевтинето, но и да се намалат нема да се почувствува затоа што производите се значително поскапени.
Министерот Бектеши пак смирува, вели дистрибутерите и производителите сѐ уште прават калкулации и веќе од утре очекува цените на основните производи во макретите да бидат пониски.
Денеска сите производители и дистрибутери мора да формираат нови цени и да им ги дадат на маркетите и согласно тие ќе бидат намалени цените, ако другите трошоци останат исти, а најверојатно ќе останат, и добро е што на берзите има промени и цените одат надолу, вели Бектеши.
Владата вчера донесе одлука да ги ограничи маржите на основните производи на 5 и 10 отсто, и во трговијата на мало и на големо. Се кратат и дел од оперативните трошоци. Ова е втор пак како државата носи мерки за превенција од поскапување. Претходните беа слични и важеа до 31 мај, но откако се укинаа, производите значително поскапеа, некои и за над 70 отсто.
Стопанството пак и натаму смета дека треба да се активираат стоковите резерви. Експертите пак предлагаат, мерките кои се носат да бидат на долг рок, а не да се укинуваат и менуваат на краток период.
Текстот е превземен од telma.com.mk
Новинар: Ирена Чачкова