Сателитскиот интернет на една од многуте компании на најбогатиот човек на светот Елон Маск, SpaceX, е достапен и во Македонија. Компанијата ја пренесе оваа вест на својот Twitter профил заедно со потсетувањето дека имаат супер брз широкопојасен интернет со минимално доцнење (латенција). Македонија е една од првите држави во регионот во која е достапен Starlink, а наскоро е најавено и покритие во остантите земји од регионот.
Вообичаената брзина која може да ја очекуваат корисниците глобално е од 50Mbps до 250 Mbps, при латенција од околу 20ms.
За жал, како новите корисници сепак ќе треба да причекаат. Ако се обидете да ја нарачате опремата која ви е потребна на Starlink, по внесувањето на адресата ќе забележите дека влегувате на листа на резервации. Заедно со ова, доаѓа и известување дека услугата во вашиот (нашиот) реон треба да започне во второто тримесечје на 2022 година, и податоци за цената на опремата, испораката, и висината на претплатата.
Опремата за резиденцијални (бизнис услугата се уште не е достапна во Македонија) корисници чини 39.700 денари, за пакувањето и испораката се доплаќа 3.650 денари. Месечната претплата на Starlink e 6.570 денари. За да влезете на листа на чекање нема да треба да ја платите целата сума, но ќе мора да оставите депозит од 6.570 денари.
Засега нема информација за периодот во кој ќе започне испораката на опремата во Македонија, може да се чека и до 6 месеци.