За 10 дена работодавaчите треба да почнат со исплата на регресот за годишен одмор, познат како К-15. Од 1 јули до 31 декември парите од регресот треба да легнат на сметките на сите во приватниот сектор.
К-15 се пресметува како 40 проценти од просекот на трите последни просечни плати на ниво на држава објавени пред исплатата. Во моментов К-15 изнесува 12.000 денари, но доколку просечната плата продолжи да расте, сумата што треба да се исплати како регрес за годишен одмор до крајот на годината, ќе биде поголема.
К-15 треба да добијат и дел од вработените во јавниот сектор, односно вработените во управата и правосудството, општините…, зашто имаат потпишано Колективен договор, во кој е внесено и ова право. За останатите административци Сојузот на синдикатите води битка и подготвува штрајк, за да издејствува да го добиваат од наредната година.
Иако е период на голема криза и компаниите се жалат дека финансиски стојат сè полошо, претседателот на ССМ предупредува дека и годинава останува обврската за исплата на К-15 на сите кои им следува според колективен договор.
Од јануари до јуни оваа година преку каналите кои се на располагање, до Сојузот на синдикатите на Македонија пристигнале 4.404 пријави од работници на кои им било прекршено правото на регрес за годишен одмор утврдено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како и со гранските колективни договори.
За неисплата на К-15 предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавачите кои бараат да им се вратат исплатените пари и затворска казна од три месеци па се до една година.