Минатата учебна година евидентирани се 118 ученици кои ја повторувале годината, а во учебната 2021/2022 година, оваа бројка изнесува 261. Зошто учениците „паѓаат“ година, односно на што се должи ова зголемување?
Дали професорите се непопустливи при формирање на оценките или пак, учениците не се заинтереирани да научат доволно за да добијат оценка која ќе им овозможи премин во следна година? За причините, поразговаравме со директори и професори во училишта за средно образование.
Димитар Ѓорѓиев, директорот на средното стручно училиште „Михајло Пупин“ потсетува дека година се повторува ако ученикот има единици по три предмети, а со две единици, ученикот се упатува на поправен испит.
„Успехот не треба да меша со дисциплината, за тоа се изрекуваат педагошки мерки и за тоа може да добијат намалено поведение. Немаме многу повторувачи годинава, иако уште наставничките совети се во тек. Имаме советувања со родителите на учениците со послаб успех кои се организираа во текот на учебната година. Има позитивен ефект од тие средби, некогаш повеќе некогаш помалку“, вели директорот.
Александар Сибиновски, директорот на средното стручно училиште „Владо Тасевски“, информира дека во ова училиште има 14 ученици што ќе ја повторуваат годината.
„Родителите на ученици со повеќе единици, се повикуваат на советување. Кога има соработка и поголема контрола, успехот е подобар“, вели директорот.
Апатија, незаинтересираност и демотовираност
Елизабета Секирарскa, професоркатa во гимназијата „Перо Наков“ во Куманово, е изненадена од високата бројка на ученици кои повторувале година, со оглед на, како што вели, лошиот третман на наставниците во улога на оценувачи веќе подолго време.
„Сите знаеме дека посебно крајот на учебната година е резервиран за сите форми на ургенции и притисоци за поправање на оценките. Сакам да нагласам дека лично, секогаш сум на страната на учениците и претпочитам да оправдам пред да осудам, но останува фактот дека училиштето одамна не е локација на која живеат мотивирани деца, подготвени да учат и научат за себе и она што ги очекува“, смета професорката.
Затоа, според неа, ако некогаш слабата оценка била аларм и за децата и за родителите, сега веќе не е така.
„Неколку причини гледам во таквата состојба, секако и во порастот на бројот на повторувачи: во апатијата, незаинтересираноста и демотивираноста на учениците кои не гледаат потреба да учат. Опаѓањето на професионалниот морал и мотив кај наставниците, кои предолго се под различни форми на притисок, со што ја губат и онаа толку потребна педагошка трпеливост за децата кои училиштето го сфаќаат на сосема поинаков начин – место за отседување и за забава. Исто така, релацијата родител – наставник е уште еден момент кој покажува дека нештата сериозно не се во ред, ако родителот не знае каде му е детето, колку слаби има и ако се појави дури на крајот на годината, кога обично е доцна“, појаснува Секирарска.
Професорката вели дека не е мал бројот на повторувачи оти никој не се ангажирал за нив, иако имаат една или две слаби, за разлика од оние кои имаат и по девет слаби, но поминуваат „на право” по принципот „нечии деца”.
„Сметам дека овој синдром на нееднаквост е една од причините зошто учениците сфаќаат дека ништо не е важно и дека ништо не мора“, завршува таа.
Највисока бројка во последните пет години
Ако се погледнат бројките што ги објавува Државниот завод за статистика, се забележува дека годинава бројот на повторувачи е највисок, иако од година в година вкупниот број на ученици се намалува. Во учебната 2017/2018 имало 187 ученици повторувачи, а во 2018/2019 – 194 повторувачи, во 2019/2020 – 260 повторувачи.
2017/2018 – 192.448 ученици, 187 повторувачи
2018/2019 – 188.102 ученици, 194 повторувачи
2019/2020 – 187.240 ученици, 260 повторувачи
2020/2021 – 187.555 ученици, 118 повторувачи
2021/2022 – 186.649 ученици, 261 повторувачи