Највисоката просечна нето плата во земајва е исплатена во сектор Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности и достигнува 82.240 денари. Од друга страна најниската плата достигнува само 17.940 денари и се исплаќа во секторот Заштитни и истражни дејности. Ова се податоци кои ги објавува Државниот завод за статистика во рамки на нивните податоци за движењето на нето платите во земајва.
Бројките покажуваат дека една инженерска плата достигнува речиси колку пет плати за работниците во секторот со најниски примања.
Меѓу дејностите со повисоки плати се и Останати стручни и научни дејности со 52.093 денари, па следуваат производство на фармацевтски производи и фармацевтски продукти со 50.350 денари.
Меѓу најниските плати пак се и Услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата чија плата изнесува 20.060 денари, и нешто повисока примаат вработените во секторот Производство на кожа со 20.715 денари.
Економистите потенцират дека просечната плата не е средна плата, и дека мора да се пресметува и средна плата, за да се долови пореалната слика за примањата кај македонските работници.
Експертите за „Фактор“ објаснуваат дека многу наши сограѓани ги мешаат термините „просечна“ и „средна“ плата и мислат дека податокот за просечната плата значи дека 50 проценти од вработените земаат плата до тој износ, а 50 отсто над тој износ. Тие потенцираат дека ова всушност значи средна, а не просечна плата. Работниците мора да ги здружат силите и да бараат раст на платите за подобрување на животниот стандард.
извор: faktor.mk