Искусен собирач на печурки може дневно да заработи и до 120 евра. Ова го потврдуваат од компаниите кои се занимаваат со откуп на печурки.
Во Македонија со собирање на печурки најчесто се занимаваат повозрасни луѓе. Во помалите општини има по стотина собирачи на печурки, но се очекува дека во иднина бројката ќе опаѓа, затоа што младите не се заинтересирани за оваа работа.
„Еден собирач дневно може да извади и повеќе од 120 евра, но таквите луѓе се ретки. Претежно се тоа искусни собирачи кои ја знаат работата, го знаат теренот, инаку оваа година има солиден квалитет на печурки. Релативно е, некој може ќе собере 1 килограм денеска, а некој 100 килограми, но многу важно е годината да биде добра, и да има доволно печурки во природата“, велат од фирма во внатрешноста на Македонија.
Од фирмите каде се врши откуп на печурки велат дека колку некој ќе заработи зависи од искуството.
„Сè е пракса во животот, па така и собирањето на печурки. Мора тој човек да биде подготвен, да ги препознава печурките, но и сите други опасности кои може да се случат на терен. Сметам дека тоа е некој максимум за искусен берач, да заработи 120 евра во текот на еден ден, но тоа се постигнува само ако истото го работи неколку години. Има луѓе кои едвај чекаат да дојде периодот за берба и да одат во планините да собираат печурки“, додаваат од друга фирма.
Во Македонија граѓаните најчесто собираат смрчак, вргањ и лисичарка, но иако се верува дека Западна Македонија има подобри услови за богата реколта на печурки, сепак дождот е пресуден фактор. Годинава во делчевско собирачи најдоа џиновски печурки, тешки 1.7 килограми. Претходно, 2020 година беше оценета како една од најдобрите години затоа што имаше богат род на печурки.
извор: faktor.mk