Германските министри изјавија дека владата ќе го забрза издавањето на работни дозволи и визи за неколку илјади странски работници, главно од Турција, со цел да се регулира хаосот што настана на аеродромите поради почетокот на летната сезона.
Патниците низ Европа се соочуваат со долги редици на аеродромите поради недостиг на персонал на аеродромите.
Германија сега планира да донесе искусни работници, претежно од Турција, кои ќе работат во земјата, вклучително и за ракување со багажот. Сепак, тие ќе мора да ги поминат истите безбедносни проверки како и домашните работници пред да почнат да работат.
Авиокомпаниите, од кои некои се надеваа дека ќе можат да ангажираат странски персонал преку агенции, сега ќе можат директно да ги вработуваат и да им даваат стандардни плати.
Министерот за труд ги обвини авиокомпаниите и аеродромските оператори за недостиг на персонал, истакнувајќи дека тие отпуштиле премногу работници за време на пандемијата.
За време на викендот на германските аеродроми настана вистински хаос, пренесуваат медиумите во регионот.