Секое трето работно место е за кандидати со средна стручна спрема
Раздвиженоста на пазарот на трудот во месец јули е речиси идентична по обем со таа во јуни. Најголем број слободни работни места има во секторот за производни и занаетчиски услуги, а најголема побарувачка има за работници во производство.
Во јули се отворени за 0.5 проценти помалку слободни работни места во однос на претходниот месец, а најголем број огласи беа објавени во категоријата Производни и занаетчиски услуги (16.75%). На второ место се огласите во категорија Туризам и угостителство (15.53%), а веднаш потоа следат и категориите Продажба (14.63%), ИТ, телекомуникации (8.29%) и Трговија, транспорт и поморство (7%).
Изминатиот месец, најголема беше побарувачката за работници во производство, угостителски работници, продажен персонал, програмери и возачи.
Ако се направи сегментација по степенот на образование, на една третина од огласите се бараа кандидати со средна стручна спрема (34.81%). Преостанатиот дел од јулските огласи се однесуваа на кандидати со висока стручна спрема (21.48%) и кандидати со виша стручна спрема (5.92%).
Според начинот на вработување и понатака доминантни се огласите за вработување на полно работно време (85.77%).