Трговска фирма од Скопје платила двојно за превоз на прехрамбени производи од Грција, затоа што и организаторот на транспортот и превозникот му ја наплатиле истата услуга. Од Министерството за транспорт и врски, но и од Државниот пазарен инспекторат велат дека нема контрола, барем редовна, на работењето на шпедитерите, кои го организраат транспорот на стоката.
Корисниците на услугите на транспортните компании велат дека во законот кој ги регулира овие односи ова е една „сфера на солидарност“ која им прави големи неизвесности во работењето. Во еден од прописите пишува дека „за ништовни се сметаат сите одредби во договорот за превоз кои го лимитираат правото на солидарна одговорност“. Тоа практично значи дека превозниците имаат сила да не испочитуваат ништо од склучените договори.
Ова законско решение е од 2013, а во меѓувреме беше оспорено на Уставен суд, но никогаш не било укинато. Станува збор за солидарна одговорност кон нас превозниците. Има многу измамници и суштината е транспортерите како главни доверители да си ги добијат парите. На оние кои нарачуваат стока и други репроматеријали им порачувам да внимаваат со која агенција за организирање на превоз склучуваат договор и да внимаваат на цената - да не биде ниту мала, ниту висока, велат експертите.
Фактор се обрати и до Министерството за транспорт и врски за ваквите случаи. Од таму одговорија дека ресорот го регулира само работењето на транспортерите кое мора да биде лиценцирано, додека шпедитерите не се под нивна надлежност. Од таму велат дека се работи за облигациони односи и дека со ангажирање на адвокат може да се поднесе тужба пред суд, а како евентуална опција останува и пријава до Државниот пазарен инспекторат која би го испитала работењето на организаторот на транспорт. Се обративме и до ДПИ, а од таму ни рекоа дека во инспекторатот нема пракса да се контролира работењето на овие субјекти.
извор: faktor.mk