Се зголемува бројот на семејства на починати пензионери кои ја добиваат помошта за нивниот погреб, откако Сојузот на здруженијата на пензионери – СЗПМ во февруари донесе одлука помошта позната како посмртнина времено да се намали за 5.000 денари.
Оваа одлука важи заклучно со јуни, до кога семејствата на починатите пензионери кои уплатувале пари во солидарниот фонд наместо 30.000 како посмртнина ќе добиваат по 25.000 денари.
Семејствата, односно оние чиј бил трошокот за погребување на пензионерот, нема потреба да се јавуваат и да поднесуваат барања за да ги добијат скратените 5.000 денари.
Исто така, заклучно со јулската пензија сите кои ќе побараат посмртнина ќе добиваат по 25.000 денари, а подоцна ќе им се доплатуваат уште 5.000 денари. Потоа, откако ќе истече важноста на времената одлука, ќе почне редовната исплата по 30.000 денари за сите кои ќе поднесат барање.
Во СЗПМ се надеваат дека нема да се повтори оваа ситуација кога бројот на починати пензионери е толку голем што акумулираните средства во солидарниот пензиски фонд не се доволни да се одговори на барањата на сите семејства. Доколку, пак, се случи најнепосакуваното сценарио, односно ако се повтори таа ситуација, тогаш ќе се носи нова одлука за привремено намалување на вредноста на посмртнината.
Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во март, од солидарниот фонд имало 1.560 исплати, а во април 1.867. За разлика од тоа, во јануари и февруари, пред да се донесе одлуката за привремено намалување на средствата наменети за погреб на пензионери, имаше по нешто повеќе од 1.450 исплати.
Во април се регистрирани 914 починати пензионери и 1.992 нови. По неколку години, со стивнување на пандемијата годинава за првпат бројот на нови пензионери е многу поголем од бројот на починати. До пандемијата Фондот за ПИОМ регистрираше во просек по околу 1.200 починати корисници на пензија месечно, а за време на пандемијата бројот се зголеми на над 1.800.
извор: vecer.press