Одливот на угостителски персонал во соседните земји си го направи своето. Кафулињата и ресторани „дишат на шкргри“, а во Скопје за пијачка или храна се чека и по 1 час. Угостителските објект мака мачат за да ги услужат гостите.
Туристичкиот сектор изминатите денови го вклучи алармот. Ако не се најдат 20.000 работници половина ресторани и хотели ќе стават клуч на врата. Проблемот од недостаток на кадар засега ќе биде ублажен со 5.000 работници од Турција. Тие се согласиле да работат во земјава како келнери, собарки, рецепционери за македонска плата до 600 евра.
Но, не само во туристичките места, состојбата е алармантна и во Скопје. Во популарните ноќни клубови сопствениците тешко стигнуваат до персонал за работа, а гостите половина вечер поминуваат без пијачка и храна.
Еден од менаџерите на познат скопски ресторан вели дека состојбата на пазарот наложува зголемување на платите на келнерите и куварите и само така може да се задржи квалитетниот кадар. Тој додава дека за квалитетна услуга нема штедење и тоа е формулата за задоволни гости и клиенти.
Недостатоците на пазарот на трудот се јавија откако оваа година, голем дел од македонските работници заминаа на работа во Хрватска, каде платите достигнуваат и до 2.000 евра. Но, македонските газди во моментов не можат да ги дадат овие плати, затоа што цените на услугите тука се далеку пониски.
извор: skopjeinfo.mk