Во конкуренција од преку 300 готвачи од 11 држави од Европа, кочанските претставници се закитија со шампионски признанија и освоија три златни и еден сребрен медал за кулинарските специјалитети што ги подготвија за време на натпреварот.
- Натпреварот беше поделен во неколку готвачки дисциплини, односно подготвување современи специјалитети, морска храна, паста и ресторантски десерти. Јас и Клаудија, поодделно подготвуваме традиционални и модерни специјалитети од риба, за што освоивме први места. Стручното жири, составено од познати меѓународни готвачки судии, ми го додели победничкиот пехар и златниот медал и за подготовка на ресторантски десерт, додека колешката доби сребрен медал за специфичниот начин на подготовка на паста. Самиот натпревар е тежок, не само поради големата конкуренција, туку и временското ограничување што конкретно за подготвка на риба е половина час. Од тоа пет минути се за подготовки на боксот за готвење, 20 минути за подготовка и аранжирање на јадењето и последните пет минути за чистење и средување на боксот за следниот натпреварувач. Се оценува и бодува буквално сè, од влегувањето во боксот, складирањето и подготовката на артиклите, до техниките на работење, а на крајот изгледот и вкусот на храната, истакна Иван Велков.
Интересот меѓу младите за изучување на кулинарските вештини е многу мал, иако според Велков, постојат добри услови да се пренесе искуството и да се научат вештини што се ценети и добро платени. Потврда за тоа се и наградите што на нејзиното прво меѓународно натпреварување ги освои младата Клаудија Манасијева.
- Со подготвка на храна почнав професионално да се занимавам од пред една година и оттогаш постојано учам нови техники, а најголема заслуга за тоа има шефот Иван Велков кој несебично ми ги открива малите тајни во готвењето. Се трудам секогаш да подготвувам нешто ново и интересно, а од натпреварот во Ниш сум посебно задоволна, поради тоа што запознав многу колеги и видов различни начини на подготовка на храната. За успех во оваа професија, како и во секоја друга, потребно е да се работи напорно, со многу љубов и посветеност на работата. Знам многу млади луѓе кои би сакале да бидат готвачи, но не се подготвени да вложат толку труд, па најчесто бараат краткотрајна работа што им изгледа полесна и очекуваат да им донесе побрза заработувачка, истакна Манасијева.
Освоените награди на натпреварот во Србија се поттик за Велков и Манасијева да учествуваат на претстојниот меѓународен кулинарски натпревар во Германија, за што имаат поддршка и од хотелот „Сити Ин“ од Кочани, во кој професионално се ангажирани. Исто така, тие ги повикуваат младите, кои се заинтересирани да се занимаваат со оваа професија, да ги контактираат и да почнат да ги учат вештините во гастрономијата.