Од 1 октомври законски пропишаната минимална плата во Германија ќе порасне на 12 евра на час, од сегашните 10,45 евра - пишува rabotnik.mk.
Сојузниот министер за труд Хубертус Хајл (СПД) го опишал новото покачување како „најголем скок на платата во нивните животи“, пишува магазинот Феникс.
Што значи тоа за луѓето на мини и миди работни места?
Новата минимална плата ќе донесе промени и за маргиналните хонорарни вработени на мини работни места и вработени на средни работни места. Анке Маркс, адвокатка во Работничката комора Сарланд, објаснува дека горната граница на заработката за мини работни места од октомври ќе порасне од 450 на 520 евра.
Во иднина ограничувањето ќе се темели на неделно работно време од десет часа и новата законска минимална плата.
„Со минималната плата од 12 евра можете да работите околу 43 часа месечно“, вели Маркс.
Меѓутоа, мораат да се усогласат само платите, а не работното време во договорот.
Што се тоа мини работни места?
Мини работни места се помали работни места на кои вработените работат најмногу до 70 дена во една календарска година и претходно смееле да заработат најмногу до 450 евра месечно. Тие не мораат да плаќаат никакви придонеси за социјално осигурување.
Основното правило за мини работните места е дека секој кој во просек заработува повеќе од 450 евра (од октомври 520) месечно, не се смета за работник на мини работно место. Постојат исклучоци ако вработените само повремено и непредвидено ја пречекорат горната граница на примања.
Меѓутоа, од 1 октомври, пречекорувањето на таа граница ќе биде законски пропишано. Тогаш вработените смеат да ја преминат границата за помали работни места од 520 евра само во два календарски месеци во годината, објаснува Маркс. Освен тоа, во еден календарски месец можат да заработат најмногу двојно повеќе од наведеното: 1,040 евра.
„Значи, ако вишокот бил непредвидлив, може да се заработи најмногу 7,280 евра годишно, наместо начелно можните 6,240 евра.“
Целиот текст прочитајте го на rabotnik.mk