Преку 3,2 милиона ноќевања и над 430 милиони долари прилив од туристичката индустрија, се целите и мисијата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) за 2023 година.
АППТ најавува многу нови проекти, национална кампања на youtube и google, туристичко брендирање на земјава како дестинација, патно означување на туристичките атракции, брендирање на граничните премини, дигитализација, како и градење на платформата Е-туризам.
Како што рече денеска директорот на АППТ Љупчо Јаневски, напорите се насочени кон создавање нов концепт на туризмот со прераснување на Агенцијата во национална туристичка организација (НТО) и креирање услови за третирање на туризмот како во земјите од „Отворениот Балкан” и Европа – на ниво на министерство, со зголемени ингеренции во делот на формирање туристичка инспекција и туристичка полиција.
Реорганизацијата, смета Јаневски, ќе овозможи креирање законски подобрувања, нивно имплементирање и конкурентност со земјите од „Отворен Балкан” кој создава пазар од 11 милиони домашни туристи.
-Туризмот не познава територијални граници, туку само дестинации, а тие се протегаат до каде што туристите имаат интерес да патуваат и истражуваат. Концептот на „Отворен Балкан” е со отворени можности за сите држави кои ја споделуваат оваа економска визија, која ќе создаде конкурентна дестинација во многу аспекти од туристичката индустрија. Градејќи ги мостовите со регионот за брзо патување преку т.н. зелени зони, треба да размислуваме за нови инвестиции, технологии и дигитализација, промотивни активности и намалување на сезоналноста, изјави Јаневски.
Осврнувајќи се на планираните проекти со кои, како што рече, јасно ќе стартува развојот на руралниот туризам, Јаневски како клучни ги „ 50 села, 50 приказни“, „ 5 рути за верски туризам“ и „истражи го македонското рурално богатство – истражи, вкуси и сликај“.
Во однос на актуелните состојби и кризи, директорот на Агенцијата оценува дека закрепнувањето на туризмот треба да биде зелено.
-Неоопходно е искористување на обновливите извори на енергија и зачувување на животната средина со цел развој и практикување на одржливи форми на туризам, подвлече Јаневски.
Тој објасни и дека Е-платформата значи информациски систем за дигитализација кој интегрално ќе ги поврзува целиот туристичко-угостителски сектор, јавните и државните институции во земјава.
-Платформата би претставувала централно место за евиденција на давателите на туристички услуги и туристи како и управување со нивните податоци. Сега е нашето време, времето на македонскиот туризам и неговата одржливост, порача Јаневски.
Очекувањата на туристичкиот сектор до 2025 година се четири милиони ноќевања и девизен прилив од 500 милиони долари.