Септемвриската плата за вработените во основното и средното образование е повисока за 15 проценти, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН). Од таму за Мета.МК велат дека тоа значи оти околу 32.500 вработени, од кои 25.000 наставници, добиваат дополнителна мотивација за работа и лично вложување во унапредувањето на квалитетот на образовниот систем.
„Заедно со досегашните зголемувања од 21 процент, вработените во образованието добиваат историски најголема поддршка. И во услови на економска и енергетска криза, пари за наставниците има“, велат од МОН.
Министерството за образование додава дека обезбедува услови за професионален и кариерен развој на наставниците преку постојани обуки и дека продолжува да работи на подигнување на дигнитетот на просветителската дејност.