
На Србија и недостигаат 12.000 професионални возачи, најмногу за автобуски превоз и камиони, соопшти Здружението за патен сообраќај Србијатранспорт.
Овој и онака веќе хроничен проблем би можел да се ублажи, пред сè, со доследна примена на постојните прописи и со измена на одредени законски прописи и донесување стратегија за развој на овој сектор, велат од „Србијатранспорт“ за Радио Нови Сад.
„Недостигот од возачи е проблем долги години, кој само се влошува“, изјави генералниот директор на Србијатранспорт, Горан Алексиќ, пренесува Бета.
Директорот на здружението Панонтранспорт, Мирко Вучиниќ, рече дека проблем е секако постојаниот одлив на население, но додаде дека клучна причина е отсуството на систематски пристап за решавање на недостигот од кадри во транспортниот сектор.
Според него, обуката за професионалните возачи е скапа, но оваа професија нуди и атрактивна заработка, поради што би било вредно државата да интервенира со субвенции.
Вучиниќ рече дека транспортниот сектор е силно оптоварен со сивата економија, односно нелојалната конкуренција.