Најверојатно, знаете дека секој вработен има право на неплатено отсуство и за истото можете да прочитате повеќе информации кои би ви послужиле доколку некогаш треба да го искористите ова право.
За неплатеното отсуство од работа (мирување на работниот однос) основно е дека вработеното лице има право да побара неплатено отсуство поради лични причини или ако е избран или именуван за вршење некоја јавна функција, и за тој временскиот период не прима плата, за него не се плаќаат придонеси за задолжително социјално осигурување, а правата и обврските од работен однос му мируваат.
Неплатеното отсуство временски е ограничено и изнесува најдолго 3 месеци во текот на календарската година. Доколку вработениот користи неплатено отсуство од работа 3 месеци, работодавачот е должен да му издаде решение дека работникот користи неплатено отсуство, да ја извести надлежната институција ‒ Агенцијата за вработување, а притоа работодавачот е должен да му го чува работното место.
Како што работодавачот е должен да го чува работното место, така вработениот што користи неплатено отсуство е должен да се врати на работа во точно определениот ден (најдоцна во рок од три дена по престанокот на отсуството или во рок од 15 дена по престанокот на мандатот на јавната функција), согласно решението со кое му се одобрува неплатено отсуство од работа.