Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува заинтересираните апликанти по мерката 3 од ИПАРД 2 програмата, дека за 15 дена се продолжува рокот за аплицирање на јавниот повик за мерката 3 од ИПАРД 2 програмата. Новиот краен рок за аплицирање по оваа мерка сега е 21 септември 2022 година.
Продолжувањето на рокот се врши по барање на заинтересираните апликнти, како би можеле навремено и во целост да ја комплетираат потребната документација за аплицирање по оваа мерка.
Јавниот повик за мерката 3 од ИПАРД 2 програмата се однесува за финансиска поддршка за инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи. Конкретно средства од оваа мерка се наменети за поддршка на проекти кои предвидуваат инвестиции за преработка и производство на млеко и млечни производи, месо и месни производи, овошје и зеленчук, преработка на житарици, производство на мелнички продукти, растителни производи и масла, маснотии од животни како и производство на вино.
Сите заинтересирани апликанти ќе можат да аплицираат со проекти за набавка на машини и опрема за производство и преработка, како и проекти кои предвидуваат поставување, односно инсталирање на фотонапонски панели за производство на енергија од сопствени потреби. Прифатливи корисници се сите правни лица кои влегуваат во рангот на микро, мали или средни претпријата.
Финансиските средствата по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка, (грант) во износ до 50% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
извор: biznisinfo.mk