Изгледите за тешка зима пред Европејците стануваат сè поверојатни поради прекинот на снабдувањето со гас и заштедата на енергија што веќе е во тек во многу градови низ Стариот континент како подготовка за студените месеци.
Сепак, дел од Европејците, а поконкретно пензионерите, размислуваат да побегнат во потопли места каде што ќе можат да го поминат времето додека чекаат подобро време за враќање.
Турција, Грција и Египет се земјите кои очекуваат масовен прилив на европски пензионери во наредните месеци. Тур-операторите се надеваат дека постарите луѓе ќе претпочитаат да ја поминат очекуваната сурова зима на потопли места, како што се поморските одморалишта во трите земји, каде зимските температури се значително повисоки отколку во остатокот од Европа.
Турција планира во наредните месеци да прими двојно повеќе туристи од ЕУ отколку во 2021-ва година, а интересот на пензионерите го предизвикуваат и рекламните пораки на тур-операторите кои почнуваат со „греењето е вклучено во цената“.
Турција очекува овогодинешната зимска туристичка сезона да биде најуспешна во последните три години.
извор: denar.mk