Изминатиот период доволно е да бидете не повеќе од пет минути на отворено, за да добиете неколку убоди од комарци. Kомарците напаѓаат без разлика дали е ден или ноќ, дали е топло или веќе се чувствуваат есенските температури. Освен што се досадни, знаат веднаш по убодот да предивикаат големи отоци на кожата.
Знаат да предивикаат и алергиски реакции за кои треба да се побара лекарска грижа, особено кај мали деца.
Каде се има тигрест комарец?
Тигрестиот комарец (Aedes albopictus) е еден од најинвазивните видови комарци. Потекнува од Југоисточна Азија, но во изминативе децении почна да се колонизира на сите континенти.
Во нашата земја првпат е докажан во 2016 на границата со Грција. Тогаш, тигрестиот комарец беше докажан само во југоисточниот регион на границата со Грција и на една локација во Скопје, во близина на автобуската и железничката станица. Последните години со сигурност може да кажеме дека е присутен на целата територија на град Скопје, како и на територијата на целата земја.
Напаѓа во текот на целиот ден
За разлика од повеќето други видови комарци каде што женките напаѓаат во текот на вечерните часови, женките на тигрестиот комарец напаѓаат и цицаат крв во текот на целиот ден, но не и во текот на ноќта. Тие се многу поагресивни и поинтензивно напаѓаат. Алергиските реакции кај луѓето како последица на каснувањето од тигрестиот комарец најчесто се поинтензивни и поболни.
Јајцата на тигрестиот комарец се особено отпорни на надворешни услови. Може да се случи граѓаните да забележат тигрест комарец во своите домови и во текот на зимските месеци. Тогаш треба многу внимателно да проверат дали имаат застојана вода околу цвеќињата или во други садови во своите домови или на затворените тераси. Во домашни услови во застојани води може да се размножуваат и некои други видови комарци. Дури и најмала количина на застојана вода во какви било садови, како што се саксии, пластични кутии, мали шахти итн. може да биде идеално место за размножување на тигрестиот комарец.
Што против комарците?
Постојат повеќе различни средства што ги одбиваат комарците од нашето тело и околина. Сите тие имаат ограничено време на дејствување и различна ефикасност. Сузбивањето на комарците генерално се спроведува со инсектицидни средства против возрасните комарци и хемиски и нехемиски ларвицидни средства против ларвените форми. Важно е истовремено да се уништуваат и хабитатите, односно живеалиштата и местата каде што комарците најчесто се размножуваат.
И сузбивањето на тигрестиот комарец се спроведува со истите методи како и за другите видови комарци, но постои голема специфичност во однос на местата каде што тие може да се размножуваат и живеат и во периодот на апликација.
Не помагаат ниту класичните методи за прскање
За разлика од другите видови комарци, тигрестиот комарец може да се размножува и во многу мала количина застојана вода. На пример, доколку имаме застојана вода околу саксија со цвеќе, женките на тигрестиот комарец може таму да ги положат своите јајца и од нив, при оптимални услови, за 6-7 дена да се развијат возрасни комарци. Значи, класичните методи за прскање против комарци во овие случаи не може да помогнат.
извор: novamakedonija.com.mk