Граѓаните тешко се враќаат кон користење јавен превоз кога патуваат од еден во друг град во земјава или пак кон нова дестинација во земјите во соседството и пошироко. Бројките говорат дека интересот на патниците за јавен превоз, било да станува збор за меѓуградски превоз, или пак за меѓународен, и понатаму е намален, а упатените потеницираат дека сé уште не се постигнати слични нивоа на превезени патници како пред пандемијата.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2022 година, во патниот патнички превоз бројот на превезените патници изнесува 893 илјади, во градско - приградскиот превоз 10.574 илјади, во вжелезничкиот превоз 105 илјади, додека бројот на превезените патници во воздухопловниот превоз изнесува 598.792.
Доколку се прави споредба меѓу различните типови на превоз, ќе се забележи дека единствено кај авионскиот превоз бројот на патници е зголемен, и се приближува до предкризните нивоа. Од друга страна, бројот на патници во патниот и во железничкиот превоз не е целосно повратен, иако и во овие две области има раст на бројот на патници.
Граѓаните кои редовно патуваат низ земјава, особено оние кои патуваат на дневна основа за работа посочуваат дека наспроти поскапувањата, меѓу кои и на меѓуградскиот превоз, платите се исти, и одвај врзуваат крај со крај.
извор: faktor.mk