Побарувачката на огревно дрво годинава е зголемена, но сепак во најголем процент потребите на консументите се задоволени.
Ова е одговорот што го доби Мета.мк од ЈП „Национални шуми“ на прашањето за тоа колкав е интересот на македонските граѓани за огревно дрво пред претстојната грејна сезона. Согласно Програмата за работа на ЈП „Национални шуми“ за 2022 година, годинава ќе се произведат 516.032 метри кубни огревно дрво, наспроти изминатите години кога биле испорачувани по околу 400.000 метри кубни.
Од јавното претпријатие велат дека заинтересираноста за набавка на огревно дрво е во постојан раст, со оглед на тоа што неговата цена за метар кубен е пониска во однос на останатите приватни складови во земјава.
Во однос на прашањето за тоа дали пред претстојната тешка грејна сезона, очекуваат да се зголеми потрошувачката на огревно дрво поради енергетската криза, од ЈП „Национални шуми“ велат:
„Сметаме дека и одреден број на домаќинства кои користеле друг енергенс за затоплување како струјата на пример, чија цена постојано е во пораст, се преориентираа кон огревното дрво како енергенс“.
Огревното дрво до крајот на август се продаваше по ланските цени, но по донесувањето на Одлуката за давање на согласност на Ценовникот за утврдување на цените на главните шумски производи на ЈП „Национални шуми“ п.о Скопје бр.02-540/2 од 21.07.2022 година од страна на Владата, огревното дрво во моментов се продава по нови цени кои се за 20 отсто повисоки од минатогодишните, информираат од ова јавно претпријатие.
Освен тоа што информираат дека годинава за над 110.000 метри кубни ќе биде зголемено производството на огревно дрво од нивна страна, од ЈП „Национални шуми“ засега не даваат детални информации за тоа дали би можело да се обезбедат интервентни количини на огревно дрво во претстојнава грејна сезона, доколку дојде до евентуални проблеми во снабдувањето со електрична енергија во земјава или централно парно греење во Скопје.
Инаку, зголемениот интерес за користење на огревното дрво за затоплување на домовите доаѓа во период кога цената на парното греење во Скопје беше зголемена од 14,18 до 16,31 отсто во претстојнава грејна сезона, почнувајќи од сметките за август. Еден месец претходно, од Регулаторната комисија за енергетика најавија и поскапување на цената на струјата, при што за над 98 проценти од домаќинствата од 1 јули годинава имаше зголемување на сметките за струја меѓу шест и осум проценти, или во просек 7,4 отсто. Уште сега пристигнуваат најави од извршната власт за зголемување на цената на струјата за почетокот на 2023 година.
Во период од само една година, цената на вреќа пелети од 15 килограми речиси двојно се зголеми. Летово се продаваше и над 350 денари, иако минатото лето чинеше од 180 до 190 денари. Огромно зголемување на цените има и кај екстра-лесното масло за греење на домаќинствата ЕЛ-1, чија цена на бензинските пумпи веќе подолг период е над 90 денари за литар. Токму поради ваквите зголемени цени и неизвесноста со снабдувањето што ја предизвикува енергетската криза, побарувачката на огревно дрво за претстојната грејна сезона е зголемена.
Притоа, досегашните истражувања говорат дека огревното дрво во земјава се употребува кај околу 40 отсто од домаќинствата во градовите и кај 85 отсто во руралните општини. Она што најмногу загрижува за зголеменото користење на огревното дрво е високото ниво на загадување на воздухот во населените места, со кое секоја година како општество се соочуваме.
Целиот текст може да го прочитате ТУКА: meta.mk