Големата разлика во бројот на поднесени барања во 2017, 2018 и 2019, во споредба со тековната 2022 година, според МВР, се должи на поставувањето на новите базни и мобилни станици во странство, во амбасадите и генералните конзулати.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека за неколкукратно е зголемен бројот на барања на граѓани на С. Македонија во странство за издавање лични документи, односно лични карти и пасоши.
Граѓани на С. Македонија, кои живеат во странство, преку амбасадите и генералните конзулати само во јуни, јули и август оваа година, поднеле 148 115 барања за издавање пасош, што е речиси идентично со вкупниот број на барања за патни исправи кои наши граѓани ги поднеле во истите месеци во 2017, 2018 и 2019 година.
Како што информираат од МВР, покрај зголемениот број на барања за патни исправи, идентичен е случајот и со апликациите за издавање лични карти, односно во јуни, јули и август 91 138 наши граѓани во странство поднеле барање за лична карта.
Во текот на оваа година, досега на наши граѓани во странство им биле издадени 15 978 пасоши.
Големата разлика во бројот на поднесени барања во 2017, 2018 и 2019 година, во споредба со тековната 2022 година, според МВР, се должи на поставувањето на новите базни и мобилни станици во странство, во амбасадите и генералните конзулати.
„Почнувајќи од 1 октомври 2021 година до 20 септември 2022 година на 15 978, наши граѓани им помогнавме во издавањето на патни исправи. Со проектот за базни и мобилни станици го решивме деценискиот проблем на нашите граѓани од дијаспората – услугата за издавање патни исправи се олеснува и се скратува, а се избегнуваат и метежите на шалтерите на управните служби. Исто така, со дигиталната трансформација на процесите на МВР, граѓаните имаат можност да закажат термин за сликање за лични документи преку termin.mvr.gov.mk или uslugi.gov.mk.“, стои во соопштението на МВР.
Инаку, според податоците на Министерството, состојбата со поднесени барања за издавање лична карта и пасош од страна на наши граѓани во странство во посочените три месеци во 2017, 2018 и 2019 година била следна:
- Во 2017 (јуни, јули и август) се поднесени вкупно 40 110 барања за издавање лична карта и 103 347 барања за издавање патни исправи.
- Во 2018 (јуни, јули и август) се поднесени вкупно 58 977 барања за издавање лична карта и 107 126 барања за издавање патни исправи.
- Во 2019 (јуни, јули и август) се поднесени вкупно 60 244 барања за издавање лична карта и 124 263 барања за издавање патни исправи.
извор: 360stepeni.mk