Домашни македонски јаболка за ужина ќе добиваат учениците во 350 училишта во Македонија.
Ваква одлука донела Владата на денешната седница откако ја усвои Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје во 2022 година. Програмата е нова, се носи прв пат и ќе овозможи околу 186 000 ученици во 350 школи за ужина да добиваат домашни, македонски јаболка.
-Со Програмата се овозможува поддршка за откуп, дистрибуција и пакување јаболка од реколтата 2022, а целата откупена количина ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државните училишта најдоцна до 15 декември 2022. Со ова ги помагаме производителите на јаболка, но обезбедуваме и свежа и здрава ужина за нашите деца. Македонски, домашни јаболка за нашите деца, подвлече Николовски.