„Адора инженеринг“ и АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) постигнаа договор за закуп на топланите „Исток“ и „Запад“.
„Договорот за закуп е со трајност за времетраење на грејната сезона 2022/2023 година. Закупнината е дефинирана според постоечката цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ)“, соопшти вчера ЕСМ.
Топланите кои се во сопственост на „Адора“ ќе се користат од страна на ЕСМ во процесот на обезбедување греење за градот Скопје во претстојната грејна сезона која започнува на 15 октомври.
Во соопштението се додава дека двете компании покажале општествена одговорност и свесност во однос на потребите на граѓаните на Скопје.
„Постигнат договор за сите прашања кои претставуваа предмет на дискусија да се апсолвираат во следниот период“, додаваат од компанијата.
Претходно, од „Адора“ посочија дека доколку се постигне решение со ЕСМ, иако на нивна финансиска штета од 550 илјади евра, подготвени се да пријдат кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализирање на сите потребни услови за купопродажба.