За денеска е закажана подготвителна седница на Регулаторната комисија за енергетика, на која ќе се разгледуваат одлуки за издавање лиценци за регулирано производство на топлинска енергија. Исто така на дневен ред е и одлука за лиценца за дистрибуција на топлинска енеригја како и лиценцата за снабдување со топлинска енергија .
Во одлуката за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија е посочено дека на друштвото со ограничена одговорност основано од едно лице ЕСМ ПРОДАЖБА му се издава лиценцна за вршење на дејноста регулирано производство на топлинска енеригја.
Во одлуката се посочува дека „ЕСМ ПРОДАЖБА ДООЕЛ Скопје ќе ја извршува дејноста регулирано производство на топлинска енергија со намален број на извршители во однос на просечниот број со кои во последните години успешно се извршуваше оваа дејност од технички аспект“. Заради ова, комисијата препорачува ЕСМ ПРОДАЖБА да го зголеми бројот на извршители на ниво на просечниот број во оваа енергетска дејност, и тоа со лица кои имаат искуство, со долгогодишен континуитет во работата кај сите досегашни носители на лиценца за регулирано производство на топлинска енергија. РКЕ исто така препорачува ЕСМ ПРОДАЖБА покрај извршители од техничката струка да вработи и извршители од другите нетехнички струки со искуство во извршувањето на дејноста, заради нејзината специфичност и уникатност.
На денешната седница РКЕ ќе ги разгледа и лиценцата за дистрибуција, со која се утврдува дека ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје ќе ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлинска енергија со намален број на извршители во однос на просечниот број, па РКЕ повторно препорачува да го зголеми бројот на извршители и тоа со лица кои имаат искуство во извршувањето на дејноста.
Третата одлука која РКЕ ќе ја разгледува е за снабдување со топлинска енергија, која ќе ја добие ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје. Како и при претходните две лиценци, Регулаторна препорачува компанијата да го зголеми бројот на извршители со лица кои имаат искуство во дејноста, како и извршители од другите нетехнички струки со искуство во извршувањето на дејноста, заради нејзината специфичност и уникатност.