За многумина професијата келнер е идеална работа. Забава на работното место, спиење до доцна, контакти и запознавање со многу луѓе, бакшиш... Угостителите постојано се во потрага по нов персонал, но што ако сте почетник во овој бизнис и не знаете од каде да почнете и каде да научите како да бидете добар во тоа што ќе треба да го работите?
Работата во угостителството понекогаш знае да биде стресна и тешка, особено кога имате шеф кој постојано се жали за нешто, гости кои се арогантни и некултурни, работно време со кое никогаш не знаете колку ќе заглавите на работа, неплатени прекувремени часови и уште многу повеќе.
Но, добрата вест е што многу луѓе, главно помлади, одлучуваат да работат во угостителството. Професијата келнер секогаш нуди можности да се научи нешто ново, но за луѓето без искуство првите неколку дена можат да бидат голем проблем, а токму тие денови одлучуваат дали ќе ја добиете работата или не. Многумина во тие први денови прават големи грешки. Некои поради погрешна обука и совети, а некои поради фактот што не сите се родени за оваа професија.
Одлично е кога ќе дојдете во добар тим кој е спремен да ги пренесе своите искуства, да ви ја скрати обуката со конкретни совети и за кратко време од вас да направи исклучително добар келнер.
Почетниците можат за дури 7 дена во бар да ги научат основните принципи на работа и самостојно да работат, додека за ресторан и објектикои работат со храна би им биле потребни месец дена, секако со добар ментор. Потребно е да седнете и да ги научите основните поими од угостителството, но и да имате манири и културно однесување, кои обично се учат дома и во кругот на семејството многу порано пред да се впуштите во потрага по работа.
За почетниците и за оние кои погрешно ги научиле првите чекори, препорачуваме да ги прочитаат овие 10 совети:
СЕКОГАШ ДОАЃАЈТЕ 10 МИНУТИ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА СМЕНАТА
Овој совет се подразбира од самиот наслов, а можете и да го испиете вашето кафе на мира.
ПРОВЕРЕТЕ ДАЛИ ИЗГЛЕДАТЕ ПРИСТОЈНО
Секогаш мора да бидете уредни и облеката да ви биде чиста. Обувките и чорапите кои ги осите задолжително проверете ги уште еднаш пред да почнете со работа. Косата треба да ви биде чиста и уредна, а ноктите со пристојна должина. Шминката не смее да биде пренападна, а парфем е дозволен во мали количини. Пренападен парфем може да му пречи на мирисот на храната и виното кои ги служите, а тоа нема да им се допадне на гостите.
СО ГОСТИТЕ СЕКОГАШ БИДЕТЕ НАСМЕАНИ И УЧТИВИ
На гостите СЕКОГАШ обраќајте им се со „Вие“. Доволна е само пријатна насмевка и топол поглед и веќе сте на добар пат. „Добар ден, повелете, со што може да Ве послужиме?“ е првото и основно обраќање кон гостите. Го воведувате во комуникација и тој се чувствува пријатно, што значи бакшишот е на повидок. Обраќања како „Што ќе се напиеш?“ или било какво обраќање со „ти“е недозволиво.
НАУЧЕТЕ ПРАВИЛНО ДА НОСИТЕ АЈНЦЕР
Многумина сметаат дека носењерто ајнцер е најголемиот проблем на келнерите. Ајнцерот се носи со онаа рака со која НЕ ПИШУВАМЕ. Ако сте деснак го носите со левата рака и обратно. Причината за ова е „поспремната“ рака да е функционална за пропратни работи како враќање кусур или чистење на маса.
При носење ајнцер треба да обрнете внимание на повеќе работи:
- Прстите секогаш треба да ви бидат во облик на лепеза заради постигнување подобра рамнотежа и баланс, а дланката да е на средината од долниот дел на ајнцерот.
- Раката со која го носите ја држите исправена вертикално, со лакт што е можно повеќе свиткан под 90 степени. Со овој начин на носење тежината не паѓа само на мускулот на раката, а со самото тоа и заморот е помал.
- Повисоките чаши се поблиску до вас а помалите одат на крајот. Со ова ќе спречите превртување на целата нарачка и верувајте, уште многу проблеми кои би следеле после тоа.
Повеќе за ова погледнете во видеото:
НАРАЧКАТА СЕ ЗЕМА ОД ЛЕВО КОН ДЕСНО
Принципот е многу едноставен. Секое движење на келнерот од земање на нарачка, чистење на масите, наплаќање на сметка се почнува од лево кон десно. На тој начин правите круг. Не одите веднаш да примите нарачка, туку завршувате маса по маса. На првата ќе го смените пепелникот, на втората ќе примите нарачка, на третата ќе ги послужите гостите.
Вака ќе избегнете хаотична состојба и непотрбни движења кои ќе ве збунат и вас и гостите и притоа ќе изгледате многу непрофесионално.
НЕ ГИ БРЗАЈТЕ ГОСТИТЕ СО НАРАЧКА
Кога гостинот одлучува што ќе нарача никако не треба да го брзате, туку напротив, треба да бидете максимално учтиви и нежни и да му помогнете при изборот, секако само ако го побара тоа од вас. Ако бара време за сам да одлучи, оставете го и продолжете со другите маси.
ПРОСЛЕДУВАЊЕ НА НАРАЧКАТА
Тука е многу важно нарачката во кујна или на барменот да му ја пренесете точно како што гостинот ви нарачал. Пробајте да го меморирате секој детал од нарачката, а доколку тоа тешко ви оди подобро запишете, но никако не оставајте на случајот и не носете погрешна нарачка.
ЧИСТЕЊЕ НА МАСАТА ДОДЕКА ГОСТИТЕ СЕ УШТЕ ПРИСУТНИ
Многу важна е и грижата за состојбата на масата додека гостите се уште присутни. Празните чаши, шишиња, чинии и искористените прибори потрудете се да ги соберете на време, но секоја ваква интервенција направете ја суптилно и со прашање „Извинете дали може да ги тргнам овие чаши/чинии...“ Во спротивно гостите би се почувствувале како да сакате да ги избркате, а тоа секако не ви оди во прилог.
ВРАЌАЊЕ КУСУР
Келнерите со себе не носат дигитрони, а за да бидете брзи и сигурни дека нема да го оштетите гостинот а ниту себе постои многу едноставен начин како да пресметате колку имате за враќање. Ако сметката е 630 денари, а гостинот ви даде 1000 денари секогаш првин пресметајте ја разликата до првиот повисок број кој завршува со две нули (во случајот 700). Првин на гостинот ќе му ја вратите таа разлика – 70 денари, а потоа е лесно.
„Немам ситно“ тактиката за добивање бакшиш ЗАБОРАВЕТЕ ЈА. Добриот келнер секогаш го враќа целиот износ од кусурот и остава гостинот сам да одлучи дали ќе го награди со бакшиш или не.