Пекарските производи со вртоглав раст. Доручекот станува луксуз во Македонија по постојаниот раст на цените на пекарските производи кои од ден во ден имаат поголема „тежина“. Иако инфлацијата ги погаѓа голем дел од производите, и се одрази драстично врз цените во малопродажба, се забележува дека голем дел од пекарските производи се продаваат по двојно, но и тројно зголемени цени.
Балканскиот деликатес наречен бурек добива вртоглави цени кои се движат од 75 до 95 денари за четвртина од питата. Ако некој сака и јогурт со овој „деликатес“ ќе треба да одвои најмалку 100 денари само за доручек. Иако реално цените меѓу пекарите се разликуваат зависно од местоположбата, сепак, кај сите се забележува вртоглав раст.
Најголем дел од „доручеците“ се дупло поскапи од порано, а меѓу најевтините понуди се малите пекарски лиснати стапчиња по цена од 20-тина денари, или пак гевреци и переци со цени од и над 25 денари.
Баничките, бурекот, симит погачите одамна се вивнаа, уште со поскапувањето на маслата за јадење, но и овој период повторно цените растат, па граѓаните оправдано се прашуваат до каде ќе одат. Доколку некој сака да се „почасти“ со проја, пита или друг поексклузивен пекарски производи исто така ќе треба да одвои најмалку 70-тина денари.
Јогуртот како омилен додаток на доручекот има скоро дупли цени. Ако порано шише јогурт од килограм се купуваше по цени од 55 па нагоре, денес се набаввуа по цени од 75 денари па нагоре. Малите чашки од 250 милилитри во пекарите започнуваат по цена од 25 денари.
- Влезните трошоци значително се зголемени. Набавната цена на брашното е тројно зголемена, цените на мастите се стабилизираа, но на повисоко ниво од порано, а за цената на струјата не би ни зборувал. Сегашните цени во нашата пекара се одвај издржливи. И сега работиме на работ. Одвај успеваме да ги покриеме трошоците. Свесни сме за стандардот на граѓаните, но верувајте ако продолжи вака, тешко дека ќе опстанеме - вели сопственик на една локална пекара од скопско Ново Лисиче.
Нашиот соговорник додава дека долго се труделе лебот да го одржат на најдолната граница, поради што станало нерентабилно неговото производство, поради што ги зголемиле цените на овој производ двојно во споредба со цените пред кризата, а стравуваат дека ќе треба да поскапат уште повеќе.
Граѓаните велат дека поскапувањето им создава големи главоболки, а особено се загрижени семејства со мали деца за кои треба да се обезбедат финансии и за оброк во училиште. Освен пекраските продукти, меѓу учениците често се конзумираат и сендвичите кои се уште поскапи. Па така тостовите чинат од 60 денари па нагоре, хамбургерите во сендвичари во околината на училишата почнуваат од 120 денари, а ако некој сака и „истакнат“ производител ќе треба да одвои минимум 200 денари.
- Со двајца тинејџери е навистина тешко да се покријат месечните трошоци. Иако се обидуваме да изнајдеме најдобро решение за сите нас, сепак, е многу тешко да се истурка месецот. Двајцата сме вработени со сопругот, но платите не стигнуваат за сметките и за храна само. Секако тука влегува и џепарлакот за децата, за храна во училиште, но и викендите. Често пати не остануваат пари за дополнителите трошцои, или оние кои се периодични, како разни детергенти... Се стана екстра скапо, а цените од ден во ден растат - вели четириесет годишната Даниела М.
Синдикалните претставници постојано укажуваат дека граѓаните се доведени на работ на егзистенцијата поради поскапувањата, а за септември тие пресметаа дека минималната кошница достигнува 50.244 денари.
Тие пресметале дека на четири члено смејство му се потребни над 50 илјади денари за основните месечни потреби, и укажуваат дека на работниците им се потребни поголеми пристојни плати и пристојни услови за работа.
- Не може да се справувате со зголемените трошоци за живот без зголемување на платите на работниците, поради тоа ССМ инсистира платите во државата да го следат порастот на инфлацијата од 18,7 проценти, но и порастот на синдикалната кошница која ја изработува ССМ. ССМ бара доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, продолжување на важењето на досегашни анти-кризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти како и проширување на повеќе прехрамбени продукти, но и бесплатен градски превоз до и од работа - потенцираат од Синдикатот.
Од синдикалното здружение бараат да се воведе повторно мерката за платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија на работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза односно да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (50.224,00 денари).
Извор: faktor.mk