Нема криза на пазарот на недвижности. Трендот за вложување расте, а со тоа забележителен е и раст на цените за 30%. Метар квадратен во туристичка Струга достигна рекордни 1.500 евра.
Иако младите се иселуваат, се зголемува побарувачката на недвижнини во Струга. Цените на становите растат. Еден метар квадратен на атрактивните локации на брегот на Охридското Езеро и кејот на реката Црн Дрим достигна рекордни 1.500 евра. И покрај енергетската и економската криза, се купува и градежно и земјоделско земјиште.
Најчести купувачи на луксузни апартмани во струшко се печалбарите.
„Атрактивниот дел се движи од 1.100 до 1.500 евра за квадрат. Другите делови за новоградба зборуваме, почнуваат од 800 па нагоре. Тие што ние ги нарекуваме стари станови имаме две категории првите изградени до ’90-тите години зависно од локацијата држат добра цена“, вели Инајет Положани, агент за недвижности од Струга.
Според агенциите за недвижности, во Струга недостасуваат современо уредени населби со куќи и вили.
„Наша процена е дека имаме потреба за нови комплекси со куќи, значи ни требаат комплекси со вили со заеднички уреден простор, заедничко одржување, деловен простор“, додава Положани.
Трендот за вложување во недвижности расте, а со тоа забележителен е и раст на цените за 30%. До пред три години цените на поатрактивните станови во струшко се движеа од 600 до 1.000 евра за метар квадратен.