Во Германија, една од најбогатите земји во светот - секој шести граѓанин е на работ на сиромаштија. Кој сѐ се смета за сиромашен во Германија и колку пари се потребни за да се преживее и живее во оваа земја?
Бездомници кои спијат на улица, мајки кои се одрекуваат од оброците за да има повеќе за децата, пензионери кои во контејнери бараат пластични шишиња. Иако Германија со своите 83 милиони жители е една од најбогатите земји во светот, 13,8 милиони луѓе во земјата се на работ на сиромаштија или живеат во немаштија. Ова се податоците од актуелниот извештај за сиромаштија кој еднаш годишно го објавува Германската агенција за доброволни носители на социјална и на медицинска нега. А, германската влада во својот извештај за сиромаштија констатира дека сѐ поголем е јазот меѓу богатите и сиромашните.
Тоа не значи оти луѓето во Германија умираат од глад или од студ бидејќи никој не им помага, или дека умираат од болести бидејќи немаат пристап до медицинска нега. Постои социјална разлика меѓу апсолутната сиромаштија, кога луѓето не можат да ги задоволат основните потреби и релатвната сиромаштија, која се мери со просечните животни околности на едно општество.
Нерамномерна распределба на богатството и на сиромаштијата
На светската листа по богатство Германија во минатата година беше на 20-тото место. Критериумот е Брутодомашниот производ по глава на жител. Во Германија оваа вредност изнесува 50.700 американски долари.
На прво место е Луксембург со 136.000 долари по глава на жител. Најсиромашните 10 земји во светот се наоѓаат во Африка, а најсиромашна земја е Бурунди со БДП од 270 долари годишно по глава на жител.
Сиромаштија - прашање на дефиницијата
Додека во најсиромашните земји во светот луѓето обично живеат во апсолутна сиромаштија, луѓето во Европа по правило се погодени со релативна сиромаштија. Тие мораат да живеат со важни материјални ограничувања. Во ЕУ оној кој на располагање има помалку од 60 отсто од просечниот приход месечно или е загрозен од сиромаштија или е сиромашен. Ако некој има помалку од 50 отсто од просечниот доход, тогаш е многу сиромашен.
Во Германија самците кои примаат помалку од 1.148 евра месечно се сиромашни. Самохраните мајќи со мало дете се сиромашни ако примаат помалку од 1.492 евра, а родителите со две деца се сиромашни ако имаат примања под границата од 2.410 евра.
Целиот текст е на dw.com